Наместо полот, брзо се промени ставот на Владата

Седница на Владата на Димитар Ковачевски/Фото; Влада на РСМ

Со ова државата потфрли во изградбата едно општество за сите и во исполнувањето на обврската кон Европскиот суд за човекови права, кој бара државата да овозможи лесна постапка за правно признавање на родот врз основа на себеопределување, изјави Лила Милиќ од Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица.

Владата експресно го повлече предлогот за измени во Законот за матична евиденција, кои предвидуваа да промената на полот да може да се озакони само со изјава на нотар, откако виде дека тој нема да помине во Собранието. Дознаваме дека Владата го повлекува предлогот заради доусогласување со Законот за матична евиденција, поради потребата за реформирање на системот на регистрација на новородени деца. Со оглед на фактот што законските одредби се застарени и не одговараат на реалната состојба во правниот систем. Законското решение е застарено и треба да се усогласи со Законот за неевидентирани во Матичната книга на родени.

Според собраниски извори, повлекувањето е зашто против предлогот беа пратеници од опозицијата, сите од албански политички блок, како и тие од СДСМ и коалицијата. Невладината организација „Маргини“ бара Владата да го врати законот, а Собранието да го усвои. Таа ги повика пратениците прво да го прочитаат законот, па да коментираат и тврди дека предложеното решение не е параван за легализација на истополови бракови и можност за злоупотреби.

– Со ова државата потфрли во изградбата едно општество за сите и во исполнувањето на обврската кон Европскиот суд за човекови права, која произлегува од пресудата во случајот „Х против Македонија“, со која Судот ја задолжува државата да овозможи брза и лесна административна постапка за правно признавање на родот врз основа на себеопределување. Со повлекувањето на законот трансродовите луѓе се оставени без никаква правна заштита. Барањата на некои пратенички групи за измени на законот со кои би се предвиделе насилни медицински интервенции врз трансродовите луѓе се спротивни на Уставот. Неточно е дека Законот за матична евиденција е вовед во истополови бракови зашто предвидува задолжителен развод на тие што сакаат правно признавање на родот – изјави Лила Милиќ од Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица.

Правната советничка на коалицијата „Маргини“ Наташа Бошкова смета дека најгласните пратеници, противници, не го прочитале предлог-законот. Таа побара Владата да го врати законот во Собранието и таму да се отвори јавна расправа за сите спорни прашања.

– Законот предвидува уредување на постапката во сите области што ќе бидат засегнати од промената на податокот за пол. Заинтересираното лице потпишува изјава заверена на нотар, во која јасно укажува дека промената ја прави заради усогласување на родовиот идентитет со ознаката за пол во матичната евиденција и е под морална, кривична и материјална одговорност. Повеќе од 10 луѓе веќе го имаат променето податокот за пол врз основа на добиената пресуда во Стразбур во случајот „Х против Македонија“. Ќе продолжиме со барање на правна заштита во државата, но и во Европскиот суд за човекови права, а државата ќе продолжи да плаќа надоместок на штета за повреди на правата што им ги прави на овие луѓе децении наназад – вели Бошкова.

Коментарите на пратениците се дека сега не е момент за таков закон, дека владиниот предлог треба да претрпи измени бидејќи е неприфатливо само со изјава на нотар и со фотокопија на лична карта да може маж да стане жена и обратно и дека се потребни медицинска белешка и дополнителни гаранции за заштита од можни злоупотреби на законот.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска праша која е вистинската причина за повлекување на, како што рече, скандалозниот закон.

Владата наместо да се зафати со решавање на суштинските проблеми на македонските граѓани, пушта закони, пробни балони што имаат за цел да го оттргнат вниманието на граѓаните од сеопштата криза што го разорува животниот стандард. Со најавата дека овој закон ќе биде повлечен, Владата уште еднаш демонстрира неединство помеѓу коалициските партии во власта. СДСМ треба да одговори дали за законот имаше владина поддршка од сите политички партии од власта. До кога ќе бидеме заложници на социјални експерименти што го уништуваат и духовно и ментално цивилизираниот општествен поредок – рече Василевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот