Најстрасната љубовница на славните жени, во нејзината прегратка биле најважните жени од 20.век, ги изневерија откривајќи ги во автобиографијата

фејсбук

Била на лош глас, не ѝ било грижа што парадира низ њујоршките улици облечена во машки панталони и машка шапка. Со нејзиното бело лице, длабоки очи, тенки црвени усни и црна коса, многумина ги потсетувала на грофицата Дракула. 

Откако култниот фотограф на холивудските ѕвезди, Сесил Битон, ја испратил во театар една ноќ, во 1930 година, напишал во својот дневник дека чувствувал презирни погледи од луѓето, како да се прашувале „што го поврзува со онаа бесна лезбејка“.

фејсбук

Мерцедес де Акоста се родила во Њујорк на 1-ви март 1893 година, била потомок на благородничко шпанско семејство, а богатите родители конечно се преселиле во САД кога Мерцедес имала 14 години. Живееле во најлускузниот дел на Њујорк, меѓу Петтата и Шеста авенија. Имала седум браќа и сестри. Родителите на Мерцедес секогаш присуствувале на гламурните општетсвени настани и на активностите на богатите соседи, меѓу кои бил и поранешниот претседател Теодор Рузвелт и Вилијам Вандербилт.

Мерцедес и сестра ѝ Аида, фејсбук

Мерцедес имала прекрасна сестра, Рита, која често била споменувана во дневните весници, била модел, позирала на славни сликари. Нејзината лична гардероба станала темел за почеток на музејската постава на Институтот за костими во Метрополитан музејот (МоМа).

Рита де Акоста, фејсбук

Мерцесед де Акоста често се фалела со сексуалните вештини, зборувајќи: „Можам да ја заведам било која жена и да ја оттргнам од било кој маж.“  Својата репутација ја изградила како љубовница на најважните жени на своето време. Од балерината Исидора Данкан, глумиците Ева Ле Галјен, Грета Гарбо, Марлен Дитрих, Ала Незимова, Пола Негри, балерината Тамара Платоновна, Кетрин Корнел и многу други убавици и славни жени.

Ева Ле Галјен, фејсбук

Во 1916. Мерцедес се запознала со руската глумица Ала Незимова која ги воодушевувала критичарите со своите сензуални изведби. Романтичната врска брзо се развила, а година подоцна, Мерцедес ја почнува долгогодишната врска со познатата балерина и танчерка Исидора Данкан. Исидора пишувала еротски песни за Мерцедес.

И покрај нејзината желба за жени, во 1920 година се омажила за богатиот сликар Абрам Пуле. Но се вљубила во младата и атрактивна, амбициозна глумица, Ева Ле Галјен и тоа само три дена откако стапила во брак, па бргу по враќањето од меден месец ја почнала петгодишната врска со глумицата. Колку нивната љубов била силна зборува податокот што Галјен од турнеите и праќала 3 до 4 писма дневно на Мерцедес. Денес писмата се чуваат во музеј во Филаделфија.

Мерцедес де Акоста, фејсбук

Во 1931., откако се преселила во Холивуд, ја запознала Грета Гарбо и во следните 12 години двете жени имале страсен, но непредлив однос. Од време на време, Гарбо ѝ посветувала големо внимание на Мерцедес, а ѝ подарувала и скапи подароци. Мерцедес толку се вљубила во Гарбо што залепила фотографија од неа во својата Библија. Заедно летувале, се сончале голи, па дури и заедно живееле извесен период. Судејќи по писмата кои си ги разменувале, на Гарбо ѝ се допаѓала доминацијата на Мерцедес, но на крајот на врската се заморила од нивниот бурен однос и ја напуштила. Последната песна Мерцедес де Акоста ја напишала на Гарбо во 1944 година, откако ја прекинале врската.

Во време на заладените односи со Грета Гарбо, Мерцедес имала и други љубовници. Една од нив била божицата на филмското платно – Марлен Дитрих. Иако Дитрих била во брак, тоа не ја спречувало секојдневно да ѝ испраќа на Мерцедес букети со рози. Нејзините писма биле полни со еротика „ги бакнувам твоите убави раце и твоето срце“…

Инспирирана од славните и убави жени со кои била, Мерцедес започнала кариера на драмски писател. Објавила три книги, поезија и роман, а во следната деценија напишала десет претстави и еден мјузикл. Сепак, само четири претстави биле поставени во театар. Во едната од нив, драма за Јованка Орлеанка, главната улога ја играла нејзината тогашна љубовница Ева Ле Галјен. Претставата била премиерно прикажана во Париз, 1925.

Мерцедес и Ева, фејсбук

Пред нејзината прерана смрт, 1924., меѓународно познатата глумица Елеонора Дузе ветила дека ќе глуми во драмата на Мерцедес насловена Мајката на Христос, а Игор Стравински се согласил да ја компонира музиката.

Жените кои ги создавала во своите претстави биле несреќни од своите бракови, разведени, полни со сексуални желби, потреба за сопствен идентитет, со забранети љубови…Ја избегнувала јасната застапеност на истополова еротика, туку ја претставувала индиректно.

Мерцедес де Акоста не била професионално многу успешна, а нејзините придонеси за театарот се минимални. Сепак, нејзината приказна открива жена која стоела храбро за своите убедувања и вредности. Дури и кога нејзините пријатели и колеги се свртиле против неа. Ја живеела својата желба и ја платила цената за тоа. Нејзината љубов кон други жени и нејзината борба за прифаќање, секако биле извори на нејзината оригиналност и гориво за пишување.

– Не можам да жалам поради смртта на Мерцедес де Акоста. Жал ми е што беше толку многу неисполнета како лик. Во младоста покажа трошка оригиналност. Беше најдрска и најстрасна лезбејка, напишал по нејзината смрт фотографот Сесил Битон во својот дневник.

Кога Мерцедес ја објавила својата автобиографија, „Тука лежи срцето“, во 1960., добила одлични критики, но продажбата била лоша. Иако отворено пишувала за своите љубовници, читателите не се воодушевувале од тоа. А некои од жените спомнати во книгата се чувствувале изневерени, односно „декларирани“. Така Гарбо не ја поздравила при една средба, а одбила да ја види дури и тогаш кога знаела дека е на умирање. И Ева Ле Галјен никогаш не ѝ протила на Мерцедес поради книгата. а еднаш изјавила и дека автобиографијата требала да се вика „Тука лежи срцето на лагата, лагата и лагата“.

Мерцедес де Акоста починала во 1968 година, без пари, во мал, двособен стан во Њујорк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот