НАЈГОЛЕМИОТ НАРОД БЕЗ ДРЖАВА: Беа први кои се спротиставија на Исламска држава, а сега се на патот на турската воена машинерија

Фото: Профимедиа

„Нема пријатели освен планините“ – изгледа дека вестите за кои пишуваат светските медиуми овие денови ја потврдуваат ова стара курдска изрека. САД одлучија да ги повлечат своите воени трупи од сверот на Сирија и да ги остави довчерашните сојузници Курди на милост и немилост на надмоќната турска воена машинерија, објави „Блиц“.

Пред само пет години светот со страв гледаше како сириските и ирачките градови паѓаат во рацете на екстремистичката Исламска држава (ИД). Големите сили беа затекнати од ситуацијата, а некои земји  едноставно не реагираа поради своите геополитички интереси.

Единствена сила која веднаш се спротистави на новата опасност беше курдската војска. Иако помалку по број и послабо вооружени, тие успеаја да ги успорат нападите на исламистите, а светот тогаш го славеше „спартанскиот поход“ на нивните храбри борци.

Проблемите за Курдите започнаа во истиот момент кога воениот дел од приказната во борбата против ИД заврши. Тие повеќе не им беа потребни на меѓународните сили, додека земјите како Турција, Ирак и Иран стравуваа дека политички засилените Курди по војната би можеле да ги остварат своите права и интереси, анализираат експертите.

Турските планови за офанзива на курдскиот север на Сирија, САД изминатите години рамнодушно ги надгледуваше, а потоа и официјално реши да го отвори патот на Турција.

Курдите минатите денови се соочија со нови напади, последни во низа по децении на прогони, репресија и масакри вршени врз „најголемиот народ без своја земја“, пишува „Блиц“.

Сонот за Курдистан

Курдите низ историјата се номади кои се распослале ширум планинските предели на Сирија, Ирак, Иран, Турција и Ерменија. Тие се еден од староседелските народи во месопотамиската висорамнина во оваа област на светот.

Курдите, чија бројка се проценува на речиси 30 милиони луѓе, имаат заедничка раса, култура и јазик, но никогаш немале своја сопствена држава. Кога Османлиското царство е поразено во Првата светска војна, победниците на западните сили исцртале и курдска држава, позната како Курдистан, но таа никогаш не е формирана.

Оттогаш, Курдите се борат за своја автономија, независност и ветената држава, а поради тоа се предмет на репресија на земјите на чии територии тие живеат. Секој нивен обид да го остварат сонот за сопствена територија во изминатите 80 години е сузбиен.

Во Ирак, Садам Хусеин се обиде да ги елиминира Курдите, а најозлогласениот напад над нив го изведе со хемиско оружје во градот Халабџа во 1988 година. Во Турција, Работничката партија на Курдистан (ПКК) три децении се бори со владата.

Во Сирија околу 300.000 Курди беа без државјанство и забрането им беше да го користат сопствениот јазик и култура. Денес во оваа држава Курдите генерално владеат врз северниот дел на земјата, откако Башар ал Асад ги повлече своите сили од нивниот регион во 2012 година. Тие територии имаат големи количини на нафта и земјоделски добра.

Во првите борбени редови против исламистите

Курдите беа сојузници на американците во борбите против Исламската држава од 2015 година. Таа година се формирани и Сириските демократски сили (СДФ), паравоена формација составена од различни етнички групи, главно составена од Курди.

Според пишувањата на британски „Гардијан“, на почетокот на 2015 година, ИД „газеле“ се пред себе на Блискиот Исток и се заканувале на Западот, и тогаш САД им се обратиле на Курдите за помош.

Неколку месеци претходно, ИД ја нападнала енклавата околу градот Кобане на северот на Сирија, присилувајќи десетина илјади луѓе да избегаат преку турската граница која се наоѓа во близина. Турција тогаш одби да ги нападне позициите на исламистите, ниту пак им дозволи на турските Курди да ја преминат границата и да им помогнат на нивните сириски сонародници.

Во јануари 2015 година, во борбите во кои загинаа 1.600 луѓе, курдските сили ја повторно ја вратија контролата над градот Кобaнe.

Под знамето на СДФ, Курдите со помош на воздушните напади на сојузниците предводени од САД, ги принудија борците на ИД да се повлечат на во внатрешноста на Сирија и ја воспоставија контролата над поголемиот дел од границата со Турција.

Фото: Профимедиа

Во октомври 2017 година, Курдите напредуваат југоисточно кон провинцијата Даир ал Зор, последното упориште на исламистите во Сирија. Градот Багуз, последната територија која ИД ја контролираше во Сирија, падна во рацете на СДФ во март оваа година.

Курдите, кои беа оставени да се носат со илјадниците исламистички борци заробени во последните две години, сега ја дочекаа турската инвазија, која сака да воспостави сигурносна зона во внатрешноста на северот на Сирија, во која ќе би се вратиле два милиони сириски бегалци.

Исто така, сириската влада која ја има поддршката од Русија, сака да ја воспостави контрола над целата своја територија.

Заканата за Турција

„Вечното“ непријателство меѓу Турција и Курдите има длабоки корени и често предизвикуваше големи крвопролевања.

Како одговор на востанијата во дваесетите и триесетите години на минатиот век, курдските имиња и носии биле забранети, а употребата на јазикот ограничена. Бил забранет и курдскиот етнички идентитет, а народот тие биле наречени „планински Турци“.

Абдула Окалан во 1978 ја основал Курдската работничка партија (ПКК) и повикал на независна држава во рамките на Турција. Групата шест години подоцна започнала вооружена борба во која загинале 40.000 луѓе, а речиси стотина илјади се раселени.

Следните децении ПКК се избори за Курдите да добијат поголема културна и политичка автономија, но турската власт никогаш не запре да ги гледа и доживува како закана.

Курдите од Анкара бараа независност на непризнаен референдум во 2017 година. На референдумот му претходеа масовни апсења на Курдите и воздушни напади на курдските сепаратисти на северот на Ирак.

Фото: Профимедиа

Турција, која го одржува своето воено присуство на северот на Сирија од август 2016 година, тврди дека тамошните курдски војници се продолжена рака на ПКК, која има за цел отцепување со вооружена борба и дека, како терористичка група, мораат да бидат елиминирани.

„Инвазијата започна“

Можеби најголемите стравувања на Курдите се остварија изминатите неколку дена, кога нетрпеливиот турски лидер Реџеп Тајип Ердоган прогласи започнување на инвазијата на североистокот на Сирија.

Тој оваа операција ја нарече „Извор на мирот“, воено дејствие со кое ќе се отстрани „терористичката закана“ за Турција.

И додека Анкара ги собира силите, локалните власти на североистокот на Сирија предводени од Курдите, повикаа на „општа мобилизација“ долж границата со Турција.

Фото: Профимедиа

– Го повикуваме нашиот народ, сите етнички групи, да се повлечат поблиску до границата со Турција заради спроведување на акции на отпорот за време на овој чувствителен историски период – наведе локалната власт, позната како Автономна администрација на северот и истокот на Сирија.

Тие ја повикаа и меѓународната заедница да ги исполни своите обврски, поради тоа што на нивниот народ би можела да му се случи „хуманитарна катастрофа“.

Денес, како реакција на турската офанзива, околу 5.000 Курди излегоа на улиците на Сулејманија, на истокот на Ирак. Тие го покажаа незадоволството од нападот, што според нив, би можело да ги засили заканите од Исламската држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот