Најболниот период за пејачката: Бритни Спирс конечно откри зошто ја избричи косата во 2007 година

Фото: Инстаграм/„Пипл“/Profimedia

Американската пејачка Бритни Спирс (41), која важи за вистинска икона на популарната музика, ја шокираше јавноста во 2007 година, кога целосно ја избричи косата пред „будното око“ на папарацо-фотографите. Следниот ден, тогашната најголема музичка ѕвезда се најде на сите насловни страници на таблоидните медиуми.

Во тој момент, Спирс поминуваше низ болен развод со танчарот Кевин Федерлајн, беше постојано следена од непристојните фоторепортери и беше осудувана за нејзиното однесување и за нејзиниот премин од „симпатично девојче“ во „жена која не се срами од својата сексуалност“.

Но, кои се нештата за кои размислувала пејачката во тој период?

„Јас бев многу надгледувана додека растев – од глава, до пети. Луѓето ми кажуваа што мислат за моето тело уште кога бев тинејџерка. Бричењето на главата и начинот на којшто се однесував беа моите начини да им возвратам“, пишува Спирс во нејзините долгоочекувани мемоари „The Woman in Me“, кои ќе бидат објавени на 24 октомври. Ова ексклузивно парче од книгата е објавено во најновиот број на американскиот неделник „Пипл“.

Фото: Инстаграм/„Пипл“

Откако Спирс беше ставена под старателство, по судски налог во 2008 година, давајќи му целосна контрола на нејзиниот татко Џејми Спирс врз нејзините финансии и врз нејзиниот приватен живот, таа вели дека ѝ било забрането да го задржи новиот изглед.

„За време на старателството, ме натераа да сфатам дека тие денови сега се завршени. Морав да ја пораснам косата и да се вратам во форма. Морав да си легнувам рано и да ги земам сите лекови кои ми ги даваа да ги пијам“, пишува пејачката.

Бритни Спирс во 2008 година / Фото: SMG / Zuma Press / Profimedia

За време на 14-годишното старателство, Спирс сними и издаде четири успешни студиски албуми и имаше серија успешни концерти во Лас Вегас. И покрај големиот успех, таа била очајна и несреќна.

„Ми се лоши од помислата дека татко ми и неговите соработници имаа контрола врз моето тело и врз моите пари толку долго време. Размислете за тоа колку машки артисти ги прокоцкале сите свои пари, колку од нив користеле наркотици или имале проблеми со менталното здравје. Никој не се обиде да им ја одземе контролата врз нивните тела и пари. Не го заслужив тоа што ми го направи семејството“, пишува Спирс.

Концерт на Бритни Спирс во Лас Вегас, во 2017 година / Фото: Grant Buchanan / FameFlynet.uk.com / Splash_ / Profimedia

Кон крајот на 2021 година, судијата во Лос Ангелес, САД, официјално стави крај на контроверзното старателство кое го раководеше животот на поп-ѕвездата.

„Во последните 15 години, па дури и од почетокот на мојата кариера, јас стоев настрана додека другите зборуваа за мене и ја раскажуваа мојата приказна. Откако бев ослободена од старателството, јас конечно бев слободна да ја раскажам мојата приказна без последици од луѓето задолжени за мојот живот“, вели таа во новото интервју за „Пипл“, направено преку мејл.

ВИДЕО | Бритни Спирс објави провокативни видеа, „пријател“ ѝ ја лиже ногата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот