Наградите на „Остен“ се вредности што не се мерат низ комерцијалната призма

Претседателот Стево Пендаровски со организаторите и дел од наградените уметници во Чифте амам

Во објектот Чифте амам при Националната галерија на 22 февруари беше отворена мултиплекс-изложба на „Остен“ со меѓународен карактер, беа врачени голем број награди, а на отворањето присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.

Својата меѓународна репутација „Остен“ ја потврдува веќе децении наназад. Најнова потврда на уметничките вредности што ги застапува и презентира „Остен“ е мултиплекс- изложбата во Чифте амам, која е составена од дела пристигнати на Биенале на цртеж Скопје 2022, изложбата на наградени автори, како и изложбите на 54. Светска галерија на карикатури и „Остен арт фестивал“ 2021/2022.

На отворањето на изложбата на 22 февруари беа доделени награди во повеќе категории, а присутни беа и голем број меѓународни автори. Во однос на бројките, на овогодишното издание на „Остен“ Биенале на цртеж Скопје 2022, пристигнале пријави од 336 уметници од 52 земји со 1.035 дела!

Огромниот интерес за учество на Биеналето барало посебно професионален пристап при процесот на селекција, па тој се одвивал во две фази: селекција (селектор) и жирирање (меѓународно жири). На изложбата на Биеналето на цртеж се претставени 200 меѓународни уметници од 40 земји.

Според одлуката на Советот на амбасадори на „Остен“ на Биеналето на цртеж Скопје 2022, добитник на Гран-при за животно остварување е Јозеф Кошут (САД), додека наградата Светско културно наследство е доделена на Харменсон фон Ријн Рембрант (Холандија), еден од најголемите визуелни уметници во светската историја на уметноста и најважниот во холандската историја на уметностa. На настанот беа доделени награди и признанија, а изложбата ја отвори претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на изложбата во Чифте амам

– Активностите што „Остен“ ги организира заедно со Светската галерија на карикатури, вклучително и „Остен“ – Биеналето на цртеж, се насушна потреба на нашето културно живеење. Нивната вредност никогаш не може и не треба да се мери низ комерцијалната призма. Консумеристичкиот свет во кој живееме не е наклонет на суптилните и навидум мали уметнички жанрови, како карикатурата, но одговорните треба да бидат свесни за нејзината вредност. Како своевиден коректив на заболените аспекти на едно општество, како предводник на слободата на изразување и заштитник на етиката и естетиката, карикатурата мора да има посебно место во нашите културни политики. Тоа совршено добро го има разбрано и нашата културна елита уште во втората половина на минатиот век, кога го формирала хумористично-сатиричниот подлисток „Остен“, а меѓу тие великани биле и Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески, Славко Јаневски, Василије Поповиќ – Цицо, Дарко Марковиќ, Димитар Чудо, Ане Василевски и многумина други – истакна претседателот Пендаровски во своето обраќање пред присутните уметници и публика во Чифте амам.

Посебни Гран-при награди од Советот на амбасадори на „Остен“ добија сликарите Свето Манев (С Македонија) и Павле Пејовиќ (Црна Гора). Награди од меѓународното жири на „Остен“ добија Андреи Двинианинов (Унгарија), Абел Монагас (Куба), Ана Монтанаро (Италија), Марија Павловска (МКД/САД) и Соња Халиловиќ (Србија). Посебна награда од жирито добија Тони Васиќ (С Македонија), Антигони Кавата (Грција) и Едвин Драгичевиќ (Хрватска), додека посебни признанија добија Кристина Шиакола (Кипар) и Анкур Кумар (Индија).

Награда „Златен Остен“ од Советот на „Остен“ добија Марко Кусмук (Србија), Патриција Казагранда (Германија), Цветка Хојник (Словенија), Моника Вањура Куросад (Полска) и Зоран Јакимовски (С Македонија), додека награда „Остен“ добија Лику Марија Такахаши (Јапонија), Клио Влаху (Грција), Амарто Дела Куерциа (Португалија), Чанбул Парк (Холандија) и Ненси Тонг (Кина).

Посебна награда на „Остен“ за индивидуално претставување доби „Милисекнд“ (САД), а за групно претставување – колективот на уметници „Пулвис умбра“ (Грција). Награди од Светската асоцијација на визуелните уметности добија Костас Вароцос (Грција) и Роберт Глигоров (Италија). Следниот ден, на 23 февруари, во галеријата „Остен“ беше отворена изложбата „Уроборо“ на Роберт Глигоров.

Наградените автори на „Остен“ беа гости и во претседателската палата

Истиот ден голем број наградени уметници беа гости во претседателската палата, каде се изложени дела од Светската галерија на карикатури на „Остен“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 168, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот