Наградите на фестивалот „Актерот на Европа“ беа доделени на свеченост во Ресен

Свеченоста се одржа пред зградата на Сарајот во Ресен

Синоќа во Преспа, пред зградата на Сарајот во Ресен, свечено беа доделени наградите на најуспешните изведби од различни европски земји. Како што е познато, фестивалот свечено беше отворен на 6 јули со врачување на наградата за животно дело „Актер на Европа“ на легендарната унгарска актерка Енико Есењи.

По таа вечер почна натпреварувачкиот дел на овогодишното издание на театарскиот фестивал. Меѓународната комисија во состав: Мето Јовановски, претседател, Назиф Услу (режисер од Турција), Елена Трајковска, актерка, и Атила Клинче, актер и универзитетски професор донесе едногласна одлука за шест награди.

Наградата „Млада Европа“ е доделена на меѓународниот проект под покровителство на УНЕСКО – „Среќата е нова идеја во Европа“ со учество на млади актери од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија.

Наградата „Жак Лакариер“ е доделена на Кане Кампман и Брајан Мајкалс од Германија за претставата „Разоткривање на минатото – Комуникација во и за Холокаустот“.

Наградата за најдобар драмски текст ја доби Гоце Ристовски за дуодрамата „9“.

Наградата „Преспански Дионис“ е доделена на Наташа Петровиќ од Србија за претставата „Чучук Стана“ на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар.

Награда за најдобра претстава во целина ја доби претставата „Во името на таткото“ во продукција на „Арт театар“ од Цирих, Швајцарија. Текстот е на Ридван Дибра, режијата на Сулејман Рушити, а игра актерот Даут Ахмети.

Годишната наградата „Актер на Европа“ за 2023 година е доделена на Слободан Маруновиќ, Црна Гора, за улогата во претставата „Последниот час на Његош“, работена по текст на Слободан Томовиќ, а во режија на Благота Ераковиќ како проект на Народниот театар од Подгорица, известија од фестивалот „Актерот на Европа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот