Наградата „Книжевно перо“ во Риека ја доби поетесата Мирјана Стојановска од Битола

Во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Хрватска“, која беше отворена на 15 октомври и ќе трае еден месец, во Риека беше промовирана и наградена книгата поезија „Крст, триаголник и круг“ од Мирјана Стојановска од Битола.

Книгата е издадена од страна на Хрватското книжевно друштво во Риека. Промотор на книгата беше поетот и почесен претседател на ХКД, Валерио Орлиќ. Наградата „Книжевно перо“ за најдобра збирка песни објавена преку Хрватското книжевно друштво за 2022 година, на поетесата Мирјана Стојановска ѝ ја врачи претседателот на Хрватското книжевно друштво Ерние Г. Дешковиќ. Преводот на книгата го направи поетесата Дарија Жилиќ од Загреб.

Меѓу гостите на манифестацијата беше заменик амбасадорот на РСМ во Загреб Маја Апостолова, градоначалникот на Риека Марко Филиповиќ, како и претседателите на Заедниците на Македонците од други градови во Истра и други гости љубители на поезијата.

Инаку, книгата „Крст, триаголник и круг“ е објавена во 2013 година преку издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје. Содржи 50 песни поделени во пет циклуси. Насловот на книгата се однесува на основните знаци на првата словенска азбука – глаголицата, каде основни знаци се токму крстот, триаголникот и кругот.

Во првиот циклус песни со наслов „Кодот на буквите“ поетесата прави еден таканаречен хронолошки запис на развојот на писмото низ историјата кај разни култури до појавата на глаголицата. Другите циклуси од книгата се поврзуваат со човечките судбини и националните белези преку допирни точки на азбуката и буквите кои ја носат метафориката на современиот и субјективниот аспект на животот.

Поетесата Мирјана Стојановска во Хрватска гостува по вторпат. Имено, пред четири години таа гостуваше на поетска манифестација на островот Корчула, каде се претстави со избор од својата поезија и учествуваше на научниот симпозиум со тема: „Барокните карактеристики како допирни точки во творештвото на македонскиот поет Григор Прличев и хрватскиот поет Петар Канавелиќ“.

Поетесата Мирјана Стојановска е поканета да гостува и во други градови во Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот