Награда „Пегаз“ за Јована Матевска Атанасова: Најсилниот алгоритам, сепак, се љубовта и семејството

Наградата на авторката Јована Матевска Атанасова ѝ ја врачи Бранка Бугариска од „Арс ламина – публикации“

Со свеченост во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ на 16 април беше врачена наградата „Пегаз“ за 2023 година и беше промовиран победничкиот роман – „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова.

Доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман „Пегаз“ го организира издавачката куќа „Арс ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. Жирито за наградата беше во состав: Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“.

Романот за млади „Риба во(н) мрежа“ на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерацијата З и нивната зачуденост пред реалниот свет. Младата авторка и лауреат на „Пегаз“, Јована Матевска Атанасова изјави дека оваа награда е највисоко достигнување во нејзината досегашна работа.

– Секоја добиена награда за мене има посебна вредност, претставува одреден период од моето творештво, а наградата „Пегаз“ е круната на мојот досегашен книжевен труд.

Инспирацијата за „Риба во(н) мрежа“ ја добив пред три години, откако сестра ми се пресели во Австралија. Во фаза на носталгија постојано шетав со мислите тука и таму, сега и некогаш, и така неслучајно се роди овој ракопис за млади. Сакав да напишам забавна книга што ќе биде еднакво привлечна и за младите, колку и за нивните родители, но во обратен реципроцитет, роман што родителите ќе го истргнат од рацете на децата за да го прочитаат.

Знаев дека ликот на Ника треба да биде, пред сѐ, хумористичен, интригантен и доволно возбудлив, а воедно, ракописот да понуди нешто досега невидено во нашата литература за млади – да создадам концепт на интерфејс и графички елементи што „од око“ ќе го натераат читателот, а тука, пред сѐ, мислам на тинејџерот, да се „фати за книгата“.

Не ми е првпат да си поиграм со прозната форма. Напротив, нејзиното обликување, па дури и креативно обезличување, за мене е предизвик. Дејството го сместив во македонскиот Ерусалим, Охрид, градот што дише во тактот на историјата и религијата, во обид да поставам паралела помеѓу сегашниот свет оддалечен од реалноста. Така и би го карактеризирала романот, напишан како билингвален во секоја смисла – на јазикот на возрасните и јазикот на децата, јазикот на невиноста и јазикот на созревањето, јазикот на емотиконите и азбуката…

Она што „Риба во(н) мрежа“ се обидува да го разгласи е дека никој од нас не ѝ робува на технологијата, но постојано растеме со новите пронајдоци. Најсилниот алгоритам, сепак, се љубовта и семејството и тоа го одржувало човештвото низ вековите, не копчето, не електронската команда. Колку поскоро станеме свесни (ние и генерациите кои доаѓаат по нас) која е централната нота на исполнет живот, толку повеќе ќе научиме да уживаме во него – изјави Матевска Атанасова, која откри дека и книгата ја напишала на својот телефон.

Промоција на романот „Риба во(н) мрежа“ во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Одлуката за победнички романот „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова била едногласна, поткрепена со еден силен и издржан аргумент: дека овој роман – кој се приближува до светските трендови за пишување литература за млади – би можел да го поттикне односниот жанр во нашата културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.

Уредничката на книгата, а воедно и член на жирито, Бисера Бендевска, рече дека „овој роман го проветрува македонскиот книжевен простор, неагресивно внесува модерност во корпусот за млади читатели, а истовремено се поклонува и се надоврзува на поставените темели од претходниците, затоа што само на тој начин се воспоставува континуитет и се постигнува правилен развој во една национална книжевност“. Наградата на авторката Јована Матевска Атанасова ѝ ја врачи Бранка Бугариска од „Арс ламина – публикации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот