Нагло падна цената на нафтата

Цените на нафтата денеска потонаа до 74 долари, како одраз на превирањата на пазарите на акции поради проблемите во банкарскиот сектор што ги засени прогнозите за закрепнување на кинеската побарувачка на нафта.

На лондонската берза цената на барелот попладне беше за 3,2 долари пониска од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 74,25 долари. На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по цена пониска за 2,86 долари – 68,47 долари. Вчера тргувањето затвори со загуба од 3,47 долари.

Пазарите вчера ги потресоа проблемите во банкарскиот сектор во САД, нагласени со колапсот на банката Силиконска долина (SVB) по масовните повлекувања на депозити предизвикани од неуспешниот обид на банката да ги покрие нереализираните загуби во вредноста на портфолиото на државни обврзници.

Американските регулатори ги затворија SVB и две други банки, а трговците стравуваа од повторување на финансиската криза од 2008 година, па акциите на банките драстично паднаа.

Превирањата на берзите ги турнаа во втор план податоците кои покажуваат раст на активноста во кинеската економија во првите два месеци од оваа година, по укинувањето на строгите мерки за борба против Ковид.

Во сенка е и месечниот извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), која што очекува посилна побарувачка за нафта оваа година благодарение на закрепнувањето во Кина и ги отсликува прогнозите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), објавена вчера.

ОПЕК одделно извести дека денеска барел од нафтената кошница на нејзините членки чинел 78,92 долари, 2,96 долари помалку од претходниот ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот