Надградба со авангардни музички визии носи програмата на 42. Скопски џез фестивал

Дизајнот на постерот е на Иван Петрушевски

Во својот традиционален есенски термин од 19 до 22 октомври на сцената во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар ќе се одржи 42-от Скопски џез фестивал.

Повеќе години наназад Скопскиот џез фестивал држи нагорна линија во презентацијата на современите текови на актуелната глобална џез-сцена. Некогаш тоа се музичари и состави кои првпат доаѓаат во Скопје, а некогаш е средба по повеќе години со стари пријатели. Така ќе биде и на 42-то издание на фестивалот.

На отворањето на 19 октомври премиерно ќе биде претставен проектот „After the Wildfire“, дело за оркестар, специјално, исклучиво за оваа прилика, компонирано од Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин за „F.A.M.E.S. Institute Orchestra“.

Од фестивалот потсетуваат дека Банг и Хенриксен првпат настапија на Скопскиот џез фестивал во 2009 година, во иста вечер со покојниот Џон Хасел, а Банг едновремено беше дел и од бендот на Хасел.

Јан Банг, Арве Хенриксен и Џијан Емин (колаж)

Проектот „After the Wildfire“ се состои од осум композиции напишани за труба, семплер, оркестар, перкусии, кавал, зурла и глас. Концертот го вклучува норвешкиот тапанар Ингар Зак, како и некои од најдобрите македонски пејачки и кавалџии.

Во текот на четирите вечери на фестивалот ќе се одржат 11 концерти, од старите пријатели во нови комбинации ќе гостуваат Мери Халворсон заедно со Силви Курвоазие, Матс Густафсон со Зое Пиа, од домашните бендови ќе се претстават „Кобалт код јунит“, а ќе има и многу нова инспиративна, енергична, динамична и суперсонична музика.

– Годинешниот фестивал ги задржува сите и досега презентирани квалитативни и препознатливи програмски атрибути, особено оние од последните многу успешни изданија. И натаму чекорејќи кон она што се нарекува и надградба. Значи, бескомпромисно и со многу ексклузива да се отслика најдоброто и најкреативното од глобалната современа џез или, ако милувате, импровизирана музика. Со авангардни музички визии. Сочувувајќи го со тоа највисокиот меѓународен рејтинг, заедно со само неколкуте европски џез фестивали култни по ваквиот пристап.

Гард Нилсен’с Суперсоник оркестра

Конечно, реакциите на најавеното издание на моите многубројни колеги и музички новинари од Европа се полни со восхит и почит. Мене, не кријам, тоа ми причинува задоволство. И го поддржува личниот мотив, во кој, за жал, инаетот сериозно го загрозува ентузијазмот. Познавајќи ги проблемите не само од финансиска природа со кои се соочува скопскиот фестивал, примерно годинава тој од надлежното Министерство, несомнено најважниот спонзор, е симнат на ниво од крајот на минатиот век, споменатите колеги и овојпат не пропуштија да ми кажат – па ти пак фестивалот го работиш како да е последен. Но, да ја оставам нивната шега, со програмата упатувам порака до публиката, и таа пошироката – останете будни, ако слушате внимателно, музиката е ваша – посочува Оливер Белопета, уметнички директор на фестивалот.

Настап на Филип Букршлиев Трио во „Аудиокултура“

Како преднастан на 13 октомври во „Аудиокултура“, Скопскиот џез фестивал го промовираше новиот албум „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Филип Букршлиев Трио како 150-то ЦД-издание на „СЏФ Рекордс“, а на 15 октомври во киното „Фросина“ во МКЦ продолжува и традицијата на проекција на документарни филмови посветени на познати џез-музичари.

Уште еден убав настан фаќа залет кон традиција, а тоа е терминот за „Џез за деца“, што годинава ќе се одржи на 21 октомври, во 12 часот на пладне, во „Јуроп хаус Скопје“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 200, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот