Националната платформа на сервис – наставниците очекуваат таа конечно да проработи

Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Наставниците стравуваат да не ги загубат материјалите закачени на платформата и нагласуваат дека им е потребна многу поголема технолошка поддршка.

Националната платформа за далечинско учење мора да се сервисира, па сите документи, презентации и прикачени дигитални содржини на платформата, наставниците ќе мораат да ги зачуваат, односно да направат нивна копија, доколку не сакаат да ги загубат.

Иако минатата година платформата падна на првиот тест, а часовите се изведуваа преку „Мајкрософт Тимс“, сепак, материјалите и презентациите кои наставниците ги подготвувале се наоѓаат токму на оваа платформа.

Наставниците стравуваат да не ги загубат материјалите и нагласуваат дека им е потребна многу поголема технолошка поддршка во делот на Националната платформа, која конечно би требало да проработи од септември.

– Најавено ни е дека Националната платформа официјално ќе се стави во употреба од септември, она што не го знаеме сè уште со сигурност е дали ќе има онлајн настава – вели наставничката по етика Елвира Мустафа за „Слободен печат“ од средното училиште „Никола Карев“ во Скопје.

Таа го потврди проблемот со сервисирањето на платформата, објаснувајќи дека наставниците не се снаоѓаат толку лесно.

– Точно е оти платформата сега се сервисира и мораме да најдеме начин да си ги префрлиме сите материјали. Имаме поддршка од училиштето, но недостасува поголема технолошка поддршка во овој дел бидејќи има наставници кои се пред пензија и не можат да се снајдат со ова така лесно дури и некој да им објасни. Да бидам искрена, дури и јас едвај се снаоѓам да си ги зачувам материјалите – додава Мустафа.

Од МОН, пак, тврдат дека сите наставници поминале обука за работа со системот, а училиштата биле екипирани со стручен кадар за дополнителна помош, а поддршка обезбедува и Министерството.

– Дигиталните материјали (презентации и други дигитални содржини) кои се креирани од наставниците во текот на учебната година се во нивна сопственост. Во процесот на годишното одржување на системот не велиме дека истите ќе бидат избришани, туку укажуваме на потребата наставниците, лично креираните дигитални материјали, да си ги зачуваат и на друга меморија, што претставува општо правило при креирање и зачувување на дигитални податоци – велат од МОН.

Иако Владата даде зелено светло училиштата од септември да се отворат за сите ученици, сепак постои можност, доколку епидемиолошката состојба се влоши, повторно да се оди на онлајн настава, а како што најави и министерката Мила Царовска, овој пат ќе треба да се изведува токму преку Националната платформа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот