
Начинот на кој спиете открива повеќе за вашето здравје отколку што мислите
Научниците идентификуваа пет различни профили на спиење, кои го поврзуваат квалитетот на сонот со различни аспекти на физичкото, менталното и емоционалното здравје. Иако сите спиеме секоја вечер, тајните на сонот сè уште се едно од најголемите нерешени поглавја во медицината, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Најновото истражување покажува дека начинот на кој спиеме не е само прашање на навика или ритам — туку огледало на состојбата на нашиот мозок, емоции и животен стил.
Тим од Универзитетот „Конкордија“ во Канада анализирал податоци за 770 здрави млади возрасни лица, вклучувајќи снимки на мозок, како и информации за квалитетот на спиењето, навиките, емоциите и животниот стил. Врз основа на тие податоци се дефинирани пет различни „биопсихосоцијални профили на спиење“, при што секој е поврзан со одреден образец на функционирање на мозокот и менталното здравје.
Профил 1: Лош сон и нарушено ментално здравје
Лицата кои тешко заспиваат, се будат во текот на ноќта или не се задоволни со квалитетот на сонот, почесто страдаат од анксиозност, депресија, стрес, лутина и страв. Кај нив, лошиот сон и менталната нерамнотежа се меѓусебно поврзани, создавајќи маѓепсан круг на несоница и емоционална напнатост.
Профил 2: Ментални потешкотии без проблеми со спиењето
Иако нивниот сон е генерално добар, овие лица покажуваат висок степен на стрес, тага и гнев, како и симптоми на нарушување на вниманието (ADHD). Нивните психолошки проблеми не се последица на лош сон, но сонот не им помага доволно во регулирање на емоциите.
Профил 3: Употреба на лекови за спиење
Овие лица почесто користат апчиња за спиење, имаат изразена совесност и одговорност, како и добри меѓучовечки односи и социјална поддршка. Сепак, истражувачите забележале пад на когнитивните функции — послабо паметење, концентрација и просторна ориентација. Сонот е помирен, но мозокот трпи последици.
Профил 4: Недоволно спиење
Лицата кои спијат помалку од препорачаното почесто покажуваат агресивно однесување, потешкотии во контрола на емоциите и намалена јазична и мисловна флексибилност. Хроничниот недостиг на сон, нагласуваат научниците, не влијае само на енергијата, туку и на начинот на кој мозокот го обработува светот околу себе.
Профил 5: Чести будења и прекинат сон
Кај оние кои се будат повеќепати во текот на ноќта, се забележани слични когнитивни потешкотии како кај профилот 4, но и дополнителни ризици: висок крвен притисок, анксиозност, проблеми со контрола на мислите и поголема склоност кон пушење и алкохол. Таквиот сон не одмора, туку станува предизвикувач за други нарушувања.
„Различните профили на спиење се придружени со различни обрасци на мозочна активност, што покажува дека искуството на спиењето се одразува не само на здравјето и однесувањето, туку и на невронските врски во мозокот“, објаснува д-р Орор Перо, невропсихолог од Универзитетот Конкордија.
Додека претходните студии најчесто ги проучувале поединечните фактори на сонот, ова истражување го разгледува целокупниот однос – како сонот влијае врз емоциите, мозокот и телото во нивната меѓусебна врска. Целта е во иднина лекарите, според „профилот на спиење“ на пациентот, попрецизно да дијагностицираат нарушувања и да понудат персонализирана терапија.
Премногу или премалку сон може да биде штетно. Клучот е во квалитетот, кој зависи од тоа кога, каде, со кого и како спиеме. Некои луѓе природно имаат потреба од повеќе одмор, други од помалку, но ако се будите исцрпени, раздразливи или заборавни – вашиот профил на спиење можеби бара лекарско внимание.
Ако спиете лошо, тешко се концентрирате или често ви се менува расположението – обратете се кај специјалист за спиење или невролог. Навремено препознавање на „профилот на спиење“ може да спречи развој на анксиозност, хипертензија, дебелина, па дури и невролошки нарушувања.