На летен одмор со ковид-пасоши

Фото: EPA-EFE/Ida Marie Odgaard DENMARK OUT

На предлог, но и по силно лобирање од Грција и Австрија, другите членки на Европската Унија почнаа да попуштаат пред воведувањето сертификати, со кои се потврдува вакцинирањето, што ќе биде земено како олеснителна околност при патувањето.

Идејата за таканаречените ковид-пасоши се јави уште пред вакцините воопшто да се појават, а веќе од одамна се работи на техничкото усогласување на апликациите, кои би можеле да бидат земени предвид при воведувањето на електронскиот сертификат, со кој државните претставници на граничните премини или на аеродромите за неколку секунди би можеле да утврдат дали одредено лице е вакцинирано.

Лидерите на ЕУ на редовната видеоконференција посветена на борбата против пандемијата на ковид-19 покажаа дека расте поддршката за „дигитални сертификати за вакцинација“, засновани врз заеднички европски критериуми за влез во членките и отворање на општеството по пандемијата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека земјите ќе треба да донесат одлуки за тоа „што ќе може да се прави со сертификатите“, а оти на ниво на ЕУ тие ќе се користат за функционирање на единствениот пазар.

Фон дер Лајен додаде дека ќе бидат потребни најмалку три месеци за да се воспостави функционален систем на сертификати за вакцинација во ЕУ.

– Системот ќе поддржува информации за вакцинација на лице, негативен ПЦР-тест или имунитет. Потребна ни е брза имплементација доколку сакаме овие сертификати да бидат функционални пред летото – заклучи Фон дер Лајен.

Претставници на ЕУ нагласуваат дека има уште многу отворени и „политички и научни“ прашања кога станува збор за сертификатите за вакцинација, односно за што ќе се користат или дали вакцинацијата значи и прекин на пренесувањето на инфекцијата.

– Имаме охрабрувачки податоци од Израел, каде што вакцините на „Фајзер“ покажаа дека го запираат пренесувањето на инфекцијата по ревакцинацијата – рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека ЕУ досега примила 50 милиони дози вакцина против ковид-19, од кои 29 милиони биле потрошени на вакцинирање граѓани, што претставува осум проценти од возрасната популација во ЕУ.

Макрон е претпазлив

Во врска со сертификатите за вакцинација, францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека тие не треба да бидат услов за пристап до одредени места.

– Мислам на нашите млади луѓе, кои сè уште нема да бидат вакцинирани – рече францускиот претседател.

Европските лидери бараат начин како движењето меѓу државите да биде пофлуидно, а Макрон апелира на заеднички пристап.

– Ние мора да спречиме секоја земја да развива свој систем и за тоа да работиме кон заедничка медицинска сертификација – посочи францускиот претседател.

Членките на ЕУ ја повикаа Европската комисија да дефинира заеднички стандарди за заемно признавање на сертификатите за вакцини. Но, во оваа фаза нема заеднички став за правата што тие можат да ги остварат. Грција, загрижена да ја спаси својата туристичка индустрија, достави во јануари предлог до Комисијата за воспоставување европски „сертификат за вакцинација“ до летните одмори.

Најдиректна по прашањето на сертификатите за вакцинација беше германската канцеларка Ангела Меркел, која ја поддржа претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, тие да бидат изготвени пред почетокот на летото.

– Сите се согласија дека ни треба дигитален сертификат за вакцинација – рече Меркел.

Борисов предложи „електронски зелен пасош“

Бугарскиот премиерот Бојко Борисов предложи за оние што се вакцинирани во Европа, да се направат електронски пасош или зелен електронски коридор за оние што прележале и со антитела или документ дека биле вакцинирани, да не им се наложува да прават ПЦР, да се ставаат во карантин и да не им се попречува патувањето.

– Се согласивме со австрискиот премиер Себастијан Курц и со другите колеги, со нашите грчки пријатели, како ќе го наречеме, електронски, зелен пасош, но да им олесниме на сите што биле вакцинирани и болни да живеат нормален живот – рече Борисов.

Во врска со непочитувањето на договорот за испорака на вакцини од страна на „Астра-Зенека“, тој коментира дека се прави сѐ што е потребно и се надева дека ЕК ќе биде многу построга, „ако треба дури и преку суд, и оти парите ќе бидат вратени“.

– Ги потсетувам големите глобални компании дека инвестиравме за производство на вакцини. Не е фер ако некој даде повеќе пари од ЕУ, да им се испраќаат повеќе вакцини. Ова е дури и неприфатливо. Не е коректно, не е фер, не е правилно – изјави Борисов.

Според него, ЕК треба да биде „крајно сурова“ и истакна дека ја поддржува Урсула фон дер Лајен со сè во оваа област.

Борисов додаде дека Бугарија е подготвена да испрати авион за да ги земе вакцините, бидејќи тоа ќе заштеди еден до два дена од превозот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот