На ИМЛ се одржа научната конференција „Урбаниот профил на Скопје во македонската современа проза“

Институтот за македонска литература (ИМЛ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 27 октомври ја организираше научната конференција на тема „Урбаниот профил на Скопје во современата проза“ на која учествуваа дваесетина книжевници, теоретичари и писатели.

Целта на научната конференција „Урбаниот профил на Скопје во современата проза“ е да се придонесе за афирмација и популаризација на книжевноста како значаен сегмент од културната меморија за Скопје. Голем број прозни книжевни остварувања ја инкорпорираат во себе урбаната атмосфера на Скопје. Градот не е само кулиса за одвивање на прозните сижеа, туку честопати и самиот е главен лик на романите и расказите.

Во современата македонска литература многу книжевни остварувања го носат печатот на Скопје и со тоа ја продуцираат меморијата за градот и воопшто, неговиот урбан идентитет. Во таа смисла, може да се издвојат прозните дела на Димитар Солев, Благоја Иванов, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Владимир Јанковски, Кица Б. Колбе, Жарко Кујунџиски, Оливера Ќорвезироска и многу други.

Поттикот да се проследи врската на книжевните фиктивни светови со фактичката географско-историска мапа на Скопје резултира и со компарирање на различни медиумски записи за одредени места (точки, градби, институции, паркови, кафеани, улици) итн. Претседател на организациониот одбор беше д-р Соња Стојменска-Елзесер, а конференцијата се одржа како проект од областа на културата со поддршка на Град Скопје за 2022 година.

– Годинава со двојна радост му излегуваме во пресрет на празникот на градот Скопје. Од една страна, пред нас е публикацијата на зборникот „Писменото и книжевното културно наследство од Скопје и Скопско“, третиот по ред во областите на културното наследство на Скопје и Скопско и актуализацијата на тоа наследство во подрачјето на културниот туризам, со којашто публикација успешно заокружуваме еден тригодишен циклус на преоткривање на лавиринтот на културното минато на нашиот град, воедно бедем и залог на нашата сегашност. Истовремено, со нестивнат елан, се впуштаме во нова авантура на препрочитувањето на лавиринтот на неговиот урбан простор, оној што го раскрилуваат страниците на македонската современа проза – истакна во својата поздравна реч проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература при УКИМ на отворањето на конференцијата.

Промотор на зборникот „Писменото и книжевното културно наследство од Скопје и Скопско“ беше Маја Ангеловска-Панова. Свое видеообраќање на конференцијата имаа писателите Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Оливера Ќорвезироска, Игор Анѓелков и Саша Станишиќ.

Во двете работни сесии на конференцијата со свои научни трудови учествуваа Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Гоце Смилевски, Африм Реџепи, Марина Цветаноска, Сарита Трајанова, Жарко Иванов, Соња Стојменска-Елзесер, Ана Мартиноска, Дарин Ангеловски, Биљана Рајчинова-Николова, Ана Јовковска, Ема Лакинска (сите од Институтот за македонска литература) и Сунчица Трифуновска Јаниќ од Меѓународен универзитет „Визион“ од Гостивар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот