На децата само уште штрајк им фалеше!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Што да се прави во услови кога правото на едните го загрозува правото на другите? Или – дали правото на вработените во градинките, основните и средните училишта е поголемо од правото на учениците и децата од претшколска возраст?

Четири дена откако почна штрајкот на наставниците, во принуден штрајк се и дел од граѓаните што немаат допирни точки со образованието, но имаат деца што одат на училиште, а кои поради возраста не можат да останат сами дома. Па, така, додека нивните наставници се „борат“ за повисоки плати и не држат часови, дечињата од 6-7 години седат дома со родителите, кои овие денови користат одмори, боледувања, слободни денови, работат од дома доколку се во можност, молат за помош од роднини и соседи за да се снајдат додека не заврши штрајкот. Затоа што не сите имаат баби (слободни и во пензија) за да ги чуваат децата кога среде школска година ќе се затворат вратите на градинките и на училиштата.

Наставниците имаат законско и уставно загарантирано право на штрајк, како и сите други граѓани во државата. Нека си штрајкуваат и нека си се борат за поголеми плати, слободно. Но, и децата имаат исто такво, со Устав и со закон гарантирано право на образование. И сега? Што во услови кога правото на едните го загрозува правото на другите? Или – дали правото на вработените во градинките, основните и во средните училишта е поголемо од правото на учениците и децата од претшколска возраст?

Претседателот на Синдикатот за образование Јаким Неделков вели дека штрајкот ќе трае сѐ додека не се најде решение за нивните барања. Тоа може да се случи денеска, можеби и утре, но може да потрае и цел месец. Можно е и воопшто да не се понуди решение што би ги задоволило желбите на штрајкувачите. Никој не кажува како учениците ќе ги надоместат изгубените часови. Ќе работат во сабота или ќе им биде продолжена училишната година? Времето на нивното принудно седење дома секако ќе им се „наплати“ некако, дали од викендите или од одморот. Затоа што нив никој ништо не ги прашува – тие се деца.

Е, овие деца, учениците, најмногу пропатија во изминативе две години. Поради короната учеа онлајн, па седеа со маски на училиште за време на наставата додека ги „луфтираа“ со отворени прозорци и на студено време. Овие деца се оние на кои им се одземени две години нормално учење, игра, дружење, социјализација. Што и колку изнаучија така онлајн вклучени од дома и колку наставниците беа подготвени да одговорат на таа задача, тоа е друга тема за дискусија.

Знаеме дека Македонија не може баш многу да се пофали со квалитетно образование. Можеби затоа што во изминатите децении се спроведоа „милион“ реформи, кои баш и не се покажаа успешни. Или едноставно толку ни се може. Прашањето е, дали со зголемените плати на вработените ќе се подобри и квалитетот на образовниот процес или не? Дали наставниците повеќе ќе се трудат, повеќе ќе се вложуваат во она што е нивна задача? Затоа што борејќи се за подобра егзистенција се чини сосема заборавија на учениците.

Ама затоа нашата градоначалничка Данела Арсовска не заборава на своите скопјани. Ете, беше во Солун на меѓународна конференција за нови дигитални услуги за граѓаните. Таму се одржале панел-дискусии и размена на искуства и добри практики за решавање на проблемите со кои се соочуваат градовите. Сега, така поткована со позитивни искуства, којзнае какви чуда ќе направи во градов. Не само зелени коридори од неколку стотини метри, мега и мултифункционални паркови и пешачки патеки! Има сѐ да се дигитализира. Видовме како само преку една електронска адреса Градот за кратко време реши над 1.600 проблеми на скопјани. Додуша, не дознавме ниту за еден конкретно што бил решен, ама ајде. Како што не дознавме ниту кои се проектите и чии се во областа на културата што ќе бидат поддржани од Град Скопје годинава, за што во Буџетот се предвидени 220.000 евра. Обврската на Градот е да ја објави листата, но… ете, Данела сака да си има свои тајни. Не мора граѓаните баш сѐ да знаат. Транспарентност да, ама до толку – не!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот