МВР контра „доказите“ на Ковачки: Секој може да изработи графички прикази од вибер групи, МВР е гарант за слободни избори

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ/ Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла невистините кои втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”.

– Повторуваме дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи. На денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму – велат од полицијата.

Утрово Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ објави дека партијата поседува „јасни докази дека злосторничката група на Заев и Спасовски составена од над 40 полицајци правела црни списоци на автомобили кои морале да бидат отстранети од сообраќај, организирала физичко следење на неистомисленици, правеле списоци за гласање за СДСМ, и давале наредби за измислување на прекршоци“.

Ковачки обвини дека припадници на МВР, наместо во име на законот, делувале во име на партијата на власт.

-Ваквата параполициска партиска формација во служба на СДСМ вршела брутална злоупотреба, а освен раководството и командирите на Прилепската полиција, во нејзе учествувале и лица од најблиското опкружување на Оливер Спасовски. “Црн список на возила за отсранување”, “измислете прекршок, тргнете го”,” барајте му лекарско”, “до вечер список од акцијата глас плус важи за сите”, се дел од пораките кои ќе ги објавиме како дел од злострничката група на Заев и Спасовски“, рече Ковачки презентирајќи вибер комуникација меѓу припадници на полицијата од Прилеп и побара истрага за нивните наводи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот