Музичарите реагираат: Сакаме да свириме, а не да протестираме

Од ЗУПМ „Музика сега” во отворено писмо попладнево реагираа на предложените мерки на Комисијата за заразни болести и бараат укинување на забраната за организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објекти кој се однесува за кафетерии и угостителски објекти.
– Денес Комисијата за заразни болести излезе со нови предлог-мерки кои би важеле од 1 јуни 2021 година и се дадени на разгледување на Кризниот штаб т.е. Владата. За жал, по сите наши заложби и укажувања и овојпат никаде не се споменати музичарите, односно укинување на забраната за организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објектот кој се однесува за кафетерии и угостителски објекти (Службен весник бр. 170 Прилог број 7 и 8 точка број 15).
Пред малку се случи и прес-конференција на министерот за здравство, г. Венко Филипче, и неговото претставување на мерките беше конфузно и нејасно во врска со музичарите и нивната дејност и дозволата за работа, но сѐ додека концизно и јасно не се укине мерката од Службен весник бр. 170 Прилог број 7 и 8 точка број 15, за нас ова олабавување е половично и дискриминира голем број од нашите колеги – музичари.
Како што сме сите сведоци, состојбата со пандемијата предизвикана од ковид-19 се стабилизира и денешните предлози од Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките како што се – укинување на маска на отворено, престанокот на забрана за групирање на отворено, дозвола за организирање на свадби и настани на отворено и да се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на маса се и тоа како доволен предуслов точката 15 од службен весник бр 170 да се укине и конечно на музичката фела да ѝ се дозволи да работи според својата дејност.
Забраната за музичка дејност важи од 23 јуни 2020 година и оттогаш, па сѐ до април оваа година, ни се случија два последователни брана на пандемија во државава, самото тоа во пракса укажува дека музичарите и нивната дејност не се причина за ширење на заразата како што неосновано и без аргументи бевме обвинувани. Затоа ние како здружение по веќе и самите не знаеме по кој пат апелираме и бараме да нѐ вклучите во изготвување на протоколи во овој сегмент од нашата дејност која е тесно поврзана со угостителските објекти и конечно после 15 месеци да продолжиме да го работиме тоа што најдобро го умееме – да свириме, се вели во нивното отворено писмо.