Монографијата „Стојан Стојков – мојот творечки пат“ ќе биде промовирана на ДММ 2024

Насловна корица на монографијата „Стојан Стојков - мојот творечки пат“

Во рамките на 47. Денови на македонска музика (ДММ) на 10 април, во 19.30 часот, во Музејот на македонската борба ќе се одржи промоција на монографијата „Стојан Стојков – мојот творечки пат“. Монографијата ќе ја промовира музикологот Александар Трајковски. На промоцијата ќе бидат изведени и дела од камерниот и хорски опус на композиторот Стојан Стојков.

Монографијата претставува преглед на творечкиот пат на Стојан Стојков низ кој тој се гради како композитор, но и како личност со високи професионални и морални вредности и принципи по кои се води во текот на своето професионално делување и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и како силен општествен деец во областа на културата и уметничкото образование, со што остава траен белег во градењето на македонската музичка култура. За неговите заслуги, добитник е на највисоките државни награди и признанија.

Стојан Стојков (1941, Подареш, Радовишко) е истакнат македонски композитор, универзитетски професор и општествен деец во областа на развојот и афирмацијата на македонската музичка култура и образование. Како композитор се смета за припадник на четвртата генерација македонски композитори и еден од најистакнатите претставници на македонската национална композиторска школа.

Во македонската музичка наука, но и пошироко во регионот, Стојков се именува како втемелувач на неофолклоризмот во македонската национална композиторска школа.

Творештвото на Стојан Стојков опфаќа широк жанровски круг во рамките на класичната музика: од помалите форми, до поголемите, оркестарски, вокално-инструментални и сценски дела. Во сите нив релациите со фолклорот се речиси неизбежни, а приклонувањето кон неговиот рустикален дел на авторот му овозможува, потпирајќи се најчесто на народната дијафонија, да употребува специфични хармонски и полифони решенија, повеќеслојни акордски созвучја и различни формални структури.

Врзаноста за традицијата на сопствената земја Стојков го манифестира и со низа творби што произлегуваат од нашата духовна традиција („Огледала“, „Тропар на Св. Климент“, „Достојно ест“ и особено – „Псалми“. Исто така – и со употреба на инструментариум во кој посебно место заземаат некои од народните инструменти (кавал, тамбура, ут, канон, тапан итн.), кои највпечатливо се присутни во балетот „Ташула – охридска робинка“, во кои се пренесени елементи и од нашата играорна фолклорна традиција.

Делата на Стојан Стојков повеќе децении се присутни на сцените во земјава и во над триесетина светски земји, како и на најзначајните фестивали во Македонија, на Балканот и во некои европски земји. Некои од нив се печатени на носачи на звук (грамофонски плочи, аудиокасети, ЦД и ДВД).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот