Мојсовска: Сонот е да освојам сениорски медал од Европско и светско натпреварување

Константна репрезентативка во својата категорија и државен првак на Македонија/фото: Ангела Мојсовска

Карате клубот „Макпетрол“ ги нуди сите потребни услови за еден успешен спортист и е привилегија да се биде спортист од овој клуб – вели македонската каратистка Мојсовска.

Каратето уште еднаш потврди дека е еден од лидерите во македонскиот спорт, резултати кои треба да се почитуваат и вреднуваат. Континуитет кој успешно се одржува, имаме каратисти во машка и женска конкуренција кои на најдобар можен начин ја претставуваат нашата земја.

Ангела Мојсовска во сениорска конкуренција освои сребрен медал во категоријата +68 кг. на меѓународниот карате турнир „Ноќ на шампионите“ 2022во Бијељина. Севкупно Карате клубот „Макпетрол“ освои осум медали на овој турнир во Босна и Херцеговина.

Кои се твоите почетоци во каратето, што беше причината да го избереш овој спорт?

– Карате тренирам уште од пет годишна возраст, првата љубов во мојот живот. Многу рано и многу спонтано сè се случи. Имам шест и пол години постара сестра која исто така порано тренираше карате. Често се случуваше додека таа имаше тренинг моите родители да се на работа. Па така за да не бидам сама дома одев со неа во сала. Гледајќи ги што работат останатите, јас ги имитирав. Тренерот ме забележал и предложил да се запишам и јас и покрај тоа што бев помала од останатите почетници. Така започна сè и еве после 19 години уште сум тука.

Карате клубот Макпетрол на турнирот „Ноќ на шампионите“ се закити со осум медали. Во сениорска конкуренција го освоивте сребрениот медал, колку сте задоволни од настапот?

– Да, на турнирот „Ноќ на шампионите“ во Бијељина го освоив сребрениот медал. Нормално за секој медал сум среќна и задоволна што сум успеала да се пласирам меѓу медалистите. Но, овој турнир беше пред сè една одлична проверка пред престојниот Светски универзитетски куп на боречки спортови во Турција. Од секој турнир е важно да се извлече поука без разлика дали се порази или победи. Периодов се работи да се исправи сè што недостасува и формата да се доведе до максимално ниво пред самиот настап.

Кои резултати ти се најдраги досега на домашната и меѓународната сцена?

– На домашната сцена со години сум константна репрезентативка во својата категорија и државен првак. Од меѓународната сцена како подраги медали и настапи ќе ги одвојам бронзените медали во поединечна и екипна конкуренција на Европските игри во боречки спортови во Хрватска во 2019 година, како и бронзениот медал на Европската универзијада во Полска оваа година. Тука се медалите од Балканските првенства како сениорка, златниот медал на светскиот куп како помлада сениорка. Секако двете петти места за кои што жалам што за малку не бев медалист. Тоа беа Европското првенство за сениори во 2018 и Светското првенство за помлади сениори во 2019. Оваа година на ЕП завршив како седмопласирана.

Која е твојата најголема поддршка на патот кон успесите?

– За еден спортист да биде успешен неизбежно е истиот да има поддршка. Ќе започнам од пријателите кои секогаш биле тука да ми помогнат кога често сум отсутна и секако да навиваат. Огромна поддршка добивам од моите родители и мојата сестра, тие секогаш ме бодрат, тука се за мене и никогаш не се обиделе да ме повлечат, напротив заедно сме пребродувале сè. И секако најголемата поддршка ја добивам од мојот клуб „Макпетрол“, мојот тренер Бошко Заборски и моите клубски колеги и другари.

Твоите следни настапи кои те очекуваат, амбициите за во иднина..

– Следна цел е Светскиот универзитетски куп на боречки спортови во Турција. Огромен натпревар каде ќе бидат најквалитетните натпреварувачи од универзитетите ширум светот и едвај чекам да настапам. Со ова ќе се заврши пикот за оваа сезона, но тука не е крајот. Како и сонот на секој каратист, таков е и мојот, а тоа е сениорски медал од Европско и Светско натпреварување.

Колкав е предизвикот во каратето, дали во нашата земја имаме идеални услови за тренинг, и секако колку финансиите се потребни?

– Предизвикот во каратето е доста голем особено затоа што е многу субјективен спорт од судиска страна, а ние како спортисти зависиме од пет судии во текот на една борба. Тука се и светските медалисти кои доаѓаат од многу моќни држави и предизвикот истите да се победат е уште поголем, секако не и невозможен. Каратето во Македонија како индивидуален спорт за жал е многу помалку ценет за разлика од познатите екипни спортови како фудбал, кошарка, одбојка итн., и покрај европските и светските медали кои се освоени од страна на македонските каратисти.

Финансиите во нашиот спорт играат многу голема улога. Натпреварите организирани од светската федерација често знаат да бидат на далечни дестинации, а и да не се самите по себе за да се учествува се доста скапи. Сите кои тренираме заедно во нашиот клуб сме растеретени од таа должност поради спонзорството од „Макпетрол“ на нашиот клуб. Покрај укажаната можност за настап на такви натпревари, а и многу други регионални, тука се и овозможените клубски подготовки, фул опрема во нашата сала, реквизити од секаков тип, чиста, средена и секако топла сала во зимските денови. Карате клубот „Макпетрол“ ги нуди сите потребни услови за еден успешен спортист и е привилегија да се биде спортист од овој клуб. Останатато е на спортистот да го цени тоа и да успее да го искористи.

Дали рекреативно се занимаваш со други спортови?

– Ретко кога имам време за да можам да се занимавам со друг спорт. Но, сепак во слободно време некогаш сакам да играм пинг понг и одбојка. Доста ми се интересни и динамични.

Што треба да го краси еден каратист, воопшто спортист, за да може да верува во добар резултат?

– Тоа што еден каратист го краси е неговата трпеливост. Патот на еден спортист воопшто не е лесен. Наидува низ многу падови и разочарувања и умешност е да се остане истраен низ сите тие денови. Таа карактерна особина се одликува низ сите делови од животот не само на самиот спорт. Тука се борбеноста, упорноста, посветеноста, желбата за успех. Секако тука е и образованието. За еден спортист да биде успешен, важно е истиот да биде образован. Важно е спортистот да верува во себе. Секогаш да дава 100% максимум на тренинзите. Дури тогаш може да се верува на добар резултат, впрочем тој самиот и доаѓа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот