Мој термин ќе го прегрее јавното здравство во борбата со коронавирусот

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Лекарите бараат да се откажат прегледите во Мој термин кои не се приоритетни, за да се избегне одење на пациентите на лекар и ширење на вирусот и да може системот да се насочи кон лекување на болните.

Болниците може да станат нов извор на ширење на коронавирусот доколку не се ограничат прегледите во системот Мој термин и тие продолжат да течат како што се закажани велат лекарите од јавното здравство.

– Симптомите за Ковид-19 се слични со оние на грипот а дополнително е што пациентот е заразен неколку дена пред да ги добие. Вирусот се шири. Прво беа само тие што патувале, сега и нивните контакти, а веќе следно е контактите на тие контакти односно тоа е поголема група која веќе не можете да ја идентификувате со име и презиме и ставите во изолација. Во вакви услови болниците ќе станат место на ширење на вирусот поради големата фрекфенција на луѓе- велат лекарите.

И наместо да се размислува во таа насока, додаваат тие, вчера бараа од нас да пуштиме термини за април.

Кога беше епидемијата на морбили токму болниците и амбулантите станаа место на ширење на болеста а имаше голем број на здравствен персонал кој беше инфициран. Тогаш се одеше со вакцинација, но тука такво нешто не може да се преземе бидејќи вакцина за новиот вирус се уште нема.

– Треба да се примаат само приоритетните пациенти, бараат лекарите.

Тие се плашат за своето здравје, а некои размислуваат и да си отворат боледување. Во Министерството за здравство не гледаат проблем во Мој термин. На прашањето дали се размислува да се стопира Мој термин за март и април, оттаму кратко одговараат: Се се одвива нормално.

За здравствените установи се препорача само ограничување на посета, но по ходниците и амбулантите е преполно.

До вчера персоналот немаше ниту заштитна опрема, а денеска во клиничкиот центар можеше да се види дека на некои клиники вработените носеа маски, ракавици и заштитни одела. Во поликлиниките на здравствениот дом Скопје вчера немаше дистрибуирана заштитна опрема.

– Едно што не ни даваат, а второ што и да сакаш нема каде да купиш ги нема по аптеките, велат лекарите.

Од Министерството пак велат дека заштитната опрема за потребите на јавните установи е на располагање на лекарите и медицинските сестри и засега има во доволен број. Но зошто ја нема дистрибуирано насекаде нема објаснување.

Од МЗ велат дека матичните лекари како приватни здравствени установи се задолжени за самоснабдување. Ова малку збунува бидејќи во услови кога се обидуваме да спречиме епидемијата системот треба да е интегриран и мерките да важат за сите кои се дел од мапата на јавно здравство.

Д-р Игор Николов вели дека за да не колабира здравствениот систем треба да се растовари од прегледи кои не се приоритетни.

– Со само еден ден со само еден заболен здравствен работник имаме 160 во изолација. Со само 5 вакви дена здравствениот систем ќе колабира. Затоа мора да го растовариме од неургентни интервенции, вели Николов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот