Модуларните болници и „на хартија“ изгледаат лошо

Фото: Министерство за здравство

Една од причините за трагичниот пожар во тетовската болница е тоа што здравствените власти не поставиле строги правила и високи стандарди на градба и противпожарна заштита за модуларните болници, обвини вчера опозицијата.  

– Министерството за здравство во спецификациите што ги навело во набавката за модуларната болница во Тетово која изгоре до темел, барала ѕидовите на болницата да бидат составени од пур-панели, кои се најслабо огноотпорни – изјави пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Во спецификациите што ги објави тој, се тврди дека модуларните болници треба да се опремени со ѕидни панели што заштедуваат топлинска енергија, да имаат звучна изолација, да бидат обложени со внатрешно лице и надворешно фасадно лице.

– Никаде не се бара да се достави атест од произведувач на кој било материјал што е вграден во модулите. Нема никаде дека е обврзувачко во самите објекти да има и планови за евакуација. Покрај тоа што не се бара елаборат (проект) за противпожарна заштита, исто така не се бара да бидат запазени минималните барања за ПП-заштита за вакви болници. Овие објекти спрема правилникот за заштита од пожари и експлозии спаѓаат во група објекти од категорија „Г“ и за нив важи дека истите објекти мора да имаат огноотпорност од минимум 2 часа. Во реалноста, болницата во Тетово изгоре за 2 минути. Оттука, зошто во набавката се барале леснозапаливи пур-панели? Зошто не се барало атест за квалитет, зошто немало противпожарна заштита, и зошто она што требало во најлош случај да издржи 2 часа, изгоре за 2 минути – прашува Милошоски.

Од Министерството за здравство уште на почетокот на истрагата тврдеа дека болницата е изградена според сите стандарди, исто како и другите 18 такви болници, дека на сите им е извршен технички прием, а вградените материјали се сертифицирани.

Во меѓувреме, во тек е истрагата на Обвинителството за причините за пожарот од 8 септември, во кој погинаа 13 пациенти и двајца членови на нивните семејства. Се проверува документацијата за изградбата на модуларната болница, дали имало непочитување на прописите за заштита при работа, дали биле почитувани обврските за противпожарна заштита итн. На истражните органи од Јавното обвинителство денеска ќе им се приклучат и четворица крим-техничари од германската федерална криминалистичка полиција, кои ќе работат на утврдување на причините поради кои изби пожарот, за што треба да извршат увид на местото на несреќата.

Од документи до кои дојде „Слободен печат“ може да се види дека модуларната болница имала централен довод на кислород, за чија монтажа и одржување самата болница преку тендер ангажирала фирма. Сепак, покрај овој доводен систем за кислород, во модуларната болница имало и боци со кислород, што ги регистрирале и телевизиските камери. Челичните боци со кислород, со 99,5 проценти чистина, биле сместени во приемниот дел на модуларната болница и се користеле при приемот на пациентите, додека не им се извршат прегледите и не бидат сместени во болницата. Токму во овој дел од болницата, според снимките од безбедносните камери, се случиле првите експлозии.

За пет дена бил поставен централниот довод на кислород во тетовската модуларна болница

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот