За пет дена бил поставен централниот довод на кислород во тетовската модуларна болница

Тетово пожар
Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

За инсталација на централен довод за кислород во тетовската ковид модуларна болница која изгоре до темел, болницата има склучено посебен договор кој не е дел од примопредавањето коешто било направено со Министерството за здравство (МЗ). На Тетовската клиничка болница, МЗ и ја има дадено модуларната болница без довод на кислород. Потоа, една приватна компанија од Скопје и тетовската клиничка болница склучиле договор што „Слободен печат“ го поседува, а кој се однесува на набавка, транспорт, монтажа, испитување и пуштање во работа на дистрибутивна мрежа за медицински кислород во монтажната болница ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Договорот е склучен со најповолниот понудувач за 707.964,60 денари со вклучен ДДВ.

Носителот на набавката, според спецификацијата на постапката, требало да ги изврши следните задолженија: Да набави, да транспортира да монтира специјални бакарни цевки за медицинска намена Ф8. Тие бакарни цевки имале основни технички карактеристики – да се за медицинска намена и согласно стандардите ЕN 13348 DIN и EN 737-3. Цевките се наменети за медицински гасови, кислород и компримиран воздух. Цевките се испорачани во комплет со сите спојни елементи, муф спојки, редуцири, колена, Т-рачки. Спојувањето е извршено со тврдо лемење со легура на сребро 40 проценти.

Според договорот, компанијата исто така имала обврска да набави, транспортира и монтира специјални бакарни цевки за медицинска намена Ф 15, Ф 22. Фирмата имала обврска, според последната ставка од договорот, да набави трнаспортира и да монтира утичница на кислород со надворешна изведба. Утичницата е автоматска, двостепена за медицински гас, наменета за кислород по ДИН стандард.

Според договорот, за пет дена фирмата имала обврска да го испорача својот дел од договорот, по што требало да биде потпишан записник од извршено примопредавање на работите, а истиот потпишан од овластени лица на двете договорни страни.

Меѓутоа, покрај централниот довод на кислород, од друг договор за јавна набавка до кој дојде „Слободен печат“, евидентно е дека во болницата набавуван бил и кислород во челични боци, со 99,5 проценти чистина, а такви боци телевизиските камери имаат регистрирано во влезниот дел од модуларната болница, неколку дена пред да избие пожарот.

Според добро упатени извори на истрагата, иако кислородната инсталација најверојатно не била повод за почеток на пожарот, не е исклучено дека за брзото ширење на огнот придонеле и кислородните доводи и боци во самата ковид болница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот