Младинското здружение „Култура Бета“ со мултимедијален настан прославува четири години постоење

Покана за роденденот на „Култура Бета“

Со претставување на романот „Ронлива“ и разговор со авторката Милена Сиљаноска, 9. „Поетска епизода“ и концерт на „Кенопсија“, младинското здружение за култура „Култура Бета“ ќе го прослави својот 4. роденден.

Настанот ќе се одржи на 16 февруари и ќе почне во 18.30 во кафе-книжарницата „Буква“. Во првиот дел од настанот, во 18.30 часот, ќе има претставување на романот „Ронлива“, во 20 часот почува 9. „Поетска епизода“, а во 22 часот ќе започне концертот на „Кенопсија“. Во текот на целата вечер во „Буква“ ќе биде поставен и штанд на младинската креативна платформа „Спознавање“, каде што ќе може да се купат нивните списанија.

Романот „Ронлива“ е дебитантски роман на младата авторка, поетеса и писателка Милена Сиљаноска. „Ронлива“ е поетски роман, роман за книжевноста, испреплетен со многу музика и со многу љубов. Во рамки на преставувањето на „Ронлива“ ќе може да се проследи разговор со авторката Милена Сиљаноска придружен со осврт за романот, а потоа авторката ќе потпишува примероци од него. Настанот ќе го модерира Андреј Медиќ Лазаревски.

Деветтото издание на „Поетска епизода“ е посветено на ангажираната поезија под мотото „Нешто е гнило (во државата Данска?)“. На ова поетско читање ќе настапат седум поетеси и поети: Виолета Танчева-Златева, Љубица Петровска, Ива Петреска, Благица Трајкоска, Ангела Бошкоска и младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, кои и ќе го модерираат настанот.

„Кенопсија“ е новиот проект на младиот музичар Виктор Стојчевски, чиј прв албум излезе минатата година. По промоцијата на романот во октомври во кафе-книжарницата „Буква“, а во соработка со „Култура Бета“, овојпат „Кенопсија“ гостуваат со акустична свирка во дуо-формат со Виктор Стојчевски и Мартин Џорлев.

„Спознавање“ е младинска креативна платформа од Битола која досега има издадено три броја од своето списание „Спознавање“, главно фокусирана на музика. Меѓу кориците може да се најдат интервјуа со локални музичари и бендови – во најновиот број се објавени разговорите со „Funk Shui“, КЕМ, „Паркети“, „Жива“, Свемирко и „Искра“; како и разговори со независната театарска група „Артопија“, музичката продукција „Пасворд“ и младиот фотограф Никола Јовановиќ. Во рамки на списанието може да се прочитаат и неколку колумни, како и претставување на неколку локални уметници.

Со овој настан „Култура Бета“ ја прославува својата работа изминативе четири години и отвора уште една, нова, петта година во која здружението планира уште повеќе настани, соработки со локалната и младинска културна сцена, креирање содржини, објавување свои изданија и поткасти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот