Мизрахи во поход кон врвот!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Проблемот за опозицијата е како да се постави пред „предизвикот“ на Мизрахи? Таа нема многу поим од секторот за којшто ја номинираа како технички министер, но нејзината свежа радикалност, помешана со еден припрост, инаетчиски популизам кој резонира контра политичките елити, ги полни медиумските наслови повеќе од сите секојдневни „плукачки“ соопштенија на партијата.

Техничката министерка Рашела Мизрахи станува новата политичка ѕвезда на македонската десница. Со своето решително кршење на Уставот при извршувањето на службените министерски должности, Мизрахи сè повеќе ги собира симпатиите на порадикалните кругови во ВМРО-ДПМНЕ, но и на маргинализираната крајна десница вон партијата, собрани околу антизападните, анти-евро-атлантските, ултра-„патриотски“ движења. Тие своите инспирации ги црпат во идејата за нови панславјански, евро-азиски сојузи кон кои би требало да се стреми Република Северна Македонија, откако на следните избори би се поразила прозападната политика на сегашната власт.

„За разлика од сите лицемерни функционери во ВМРО-ДПМНЕ, требаше да дојде една жена и да им одржи лекција по политичка храброст и лично достоинство“, коментира еден познаник, анти-груевист, но и анти-мицковист, наново политички енергизиран по појавата на Мизрахи. „Македонската Ле Пен!“, со знаци на неодмерен, а и политички непромислен восхит заклучува познаников.

Во тоа нема ништо спорно: г-ѓа Мизрахи има право на какви сака политички убедувања – на пример, дека може „своерачно“ да го ревидира Уставот на РСМ – без разлика на нивната политичка „практичност“, па дури и на реалната шанса за нивно спроведување.

Сепак, проблемот за опозицијата е како да се постави пред „предизвикот“ на Мизрахи? Таа нема многу поим од секторот за којшто ја номинираа како технички министер, но нејзината свежа радикалност, помешана со еден припрост, инаетчиски популизам кој резонира контра политичките елити, ги полни медиумските наслови повеќе од сите секојдневни „плукачки“ соопштенија на партијата.

Дополнително што госпоѓата технички министер врз себе го навлече гневот на сите сојузнички меѓународни фактори кои застанаа зад евро-атлантската иднина на Македонија. Како што тргнало, упорната Мизрахи може навистина и да заврши на „црните листи“ на евро-американските дипломатии, но тоа ја надминува нејзината политичка опскурност и почнува да се рефлектира врз целата меѓународна позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Сега и дипломатите бараат јасен партиски став за однесувањето на нивната министерка: стои ли партијата со поддршка зад неа или не?

Ова непријатно „соголување“ доаѓа, се чини, во деликатен момент за Мицкоски и неговиот соработнички тим. До изборите има уште нецели два месеци, а Мизрахи им ја „киднапира“ предизборната агенда со тоа што ефикасно им ја „торпедираше“ идејата дека со најважното политичко прашање за односот на ВМРО-ДПМНЕ кон евро-атлантските интеграции – втемелени, имено, врз Преспанскиот договор – ќе може калкулантски, двосмислено, „топло-ладно“ да се однесува, според принципот: „Ни вода, ни киселина, само да победиме!“.

Дури и пословично одмерениот Тимчо Муцунски, главниот советник за надворешна политика на Мицкоски, брзо-брзо мора да се „приближи“ кон „магнетот Мизрахи“, па и самиот да изјави дека е „убеден“ оти неговата „генерација на политичари ќе доживее оваа држава повторно да се вика Република Македонија“.

Тоа партијата ја води од десно, кон уште подесно. А не се ни блиску до храброста и искреноста на Рашела Мизрахи. Се добива впечаток дека ќе мораат да забрзаат со доближувањето на ставовите со техничката министерка, инаку ќе се задушат во правот што Мизрахи го подигна со својата растечка десничарска популарност.

Дали го сведочиме постепеното создавање на првата жена-претседател на ВМРО-ДПМНЕ, можеби веќе после изборите во април?

Е, таква радикална промена би била вистинско освежување на македонската партиска сцена – вмровката „Ле Мизрахи“ за претседател(ка)!

 

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот