Мизрахи: Се појавија нови и важни факти за „Онкологија“, бараме Анкетната комисија да продолжи со работа уште 30 дена

Рашела Мизрахи-претседателка на анкетна комисија / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе предлог – одлука за изменување и дополнување на одлуката за основање на Анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, со која се бара продолжување на рокот за дополнителни 30 дена за сослушување на експерти и поранешни и сегашни носители на јавни функции.

– Досега се сослушаа повеќе од 50 лица, поранешни и сегашни министри и заменици, директори, раководители на сектори, вработени во надлежните институци и тоа Министерство за здравство, ФЗО, „МАЛМЕД“, ДСЗИ, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Во процесот на сослушувањето на овие лица, се појавија нови и важни факти и околности за Анкетната комисија, што можат да придонесат до конечното утврдување на прекршување на уставните и законските одредби, како основ за утврдување на политичка одговорност, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и претседателка на Анкетната комисија Рашела Мизрахи.

Дополнително, додаде таа, во текот на изминатите денови беа објавени нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои, како што посочи, може да се заклучи дека станува збор за „основано сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата“.

– Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија и информациите што беа дадени од досега сослушаните лица, ја наметнува потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата во делот на повикување на носители на јавни функции, раководни лица во институциите и да се прошири опфатот на периодот, на кој таа се однесува вклучително и периодот од април 2023 година на што се однесува извештајот на ФЗО. Заради ова, ја поднесуваме оваа одлука со што Анкетната комисија ќе има дополнителни 30 дена за да повика и други засегнати институции и експерти, рече Мизрахи.

Таа ги повика парламентарното мнозинство и сите останати партии од опозицијата, како што рече, доколку навистина сакаат вистината да излезе на виделина, да го поддржат овој предлог.

Нова седница на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија е закажана за понеделник, 13 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот