Мирослав Пендароски: Најмалку е важно надворешното проштевање во споредба со интимното себепризнание

Што е простувањето, на кого и кога треба да простиме, како себеси да си простиме, кон што води непростувањето, се само дел од прашањата на кои добиеме одговор од проф. д-р Мирослав Пендаровски, универзитетски професор и психотерапевт. Тој вели дека непростувањето може да изроди болести и празнини, тага и депресија, маѓепсан круг заради недовршени работи и долготрајна борба со сопствениот очај. Целосно е убеден дека гордоста ќе нè уништи многу скоро. Што поголема гордост тоа помалку проштевање од срце.

Што е простувањето?

– Простувањето би значело дека сме донеле свесна одлука, на слободна сопствена волја, некому, за нешто што ни било направено и ги надминува нашите граници на подносливост (макар во даден миг) да му покажеме дека сме го надминале стореното. Значи, да простиш во свесна смисла би било нешто како надминување на сопствените одбранбени капацитет и една виша форма на постоење, т.е. себенадминување од алтруистичен облик.

На кого и кога треба да простуваме?

– Ако ние јасно, гласно и на свесно рационално ниво речеме дека некому простуваме, тоа не секогаш значи дека навистина, длабоко во себе сме го надминале она што било причина за простувањето. Од друга страна пак, дури и ако не сакаме да го признаеме нашето проштевање, т.е тврдиме дека некому никогаш нема да му простиме, длабоко во себе може да чувствуваме дека сме простиле, или сме подготвени да простиме, но од некои други, најчесто суетни причини, не сакаме да си го признаеме тоа. Тешко е да се каже кому и кога треба да простиме. Многу поважно е прашањето дали сакаме да простиме?! Сметам дека себедозволата за проштевање произлегува од соодносот на неколку фактори: значајноста на личноста која е извор на повредата, силината на стореното од аспект на значењето што тоа нешто го има лично за нас, свесноста за последиците од проштевањето или непроштевањето, однесувањето и ставот кон нас во дадениот момент на лицето кое ни се огрешило (нејзината/неговата свесност и сопствено покајание), како и афективниот и менталниот капацитет на оној кој треба/сака да прости.

Дали со лутењето се казнуваме себеси за грешките на другите?

– Секако дека, од психолошка гледна точка, проштевањето е самопрочистување, макар до некоја мерка. Понекогаш наместо да се чувствуваме олеснето, ни станува попразно и потажно откако ќе простиме, токму заради начинот на кој некој ја примил нашата прошка. Па, кој на овој свет е толку безгрешен за да не си дозволи да прости некому. Токму себичните недогледувања „подалеку од својот нос“ и сопствената ограниченост не дозволуваат да видиме дека простувањето е сопствено ослободување од теретот на непростувањето и носењето бреме од едно време кое нè влече назад и назад во фиксираноста на минатото. Лутината, гневот, бесот или како и да го наречеме, е една емоционална состојба позната како една од најавтодеструктивните појави, која на долг рок се одразува со изразена психосоматика, намалување на имунитетот и можности од низа психопатолошки нарушувања. Зошто, најмалку е важно надворешното манифестирање на проштевањето во споредба со едно длабоко лично, интимно себепризнание и надминување на себеси и покрај фактот дека зборот – просто, и тоа како е значајно понекогаш да се чуе !

Човечки е да се греши христијански да се простува. Но, дали се погазуваат сопствените принципи со простувањето?

– Кој од нас е толку сигурен во вистинитоста на своите принципи за кои тврди дека за ништо на светот не би ги погазил?! Кој од нас е толку бого-човек за да ги стави своите принципи пред својата душа и правата на другите луѓе?! Принципите се тука за да се погазуваат исто како што и законите се тука за да се кршат ако не се добри и да се создаваат подобри и поблиски закони до луѓето. Јас лично имам голема скепса околу принципите и мислам дека колку човек е поограничен интелектуално, морално и емоционално, толку построги принципи поседува позади кои се крие… Друго е прашањето доколку се газат основни принципи кои се во ред со нас и со другите. Сè друго е подложно на ревизија и би рекол, секогаш кога имаме мотив да простиме, добро е да го одбереме човекот наспроти принципот! Жално, болно и празно е кога гледаме луѓе кои заради некакви си формално наложени принципи губат прекрасни луѓе заради малку повеќе суета, гордост и самобендисаност. Скоро целосно сум убеден дека гордоста ќе нè уништи многу скоро. Што поголема гордост, тоа помалку проштевање од срце.

Само суетните не простуваат?

– А кој од нас не е суетен во својата суштина ?! Некои се помалку, а други повеќе суетни, но сите сме, сите сме, оти сме луѓе. Но да, посуетните помалку простуваат и кутрите само на миг се возгордејуваат од сопствената гнила победа, ама како минува животот, и искуството и свесноста растат, а смртта се приближува, отпосле, ретроградно ќе го сфатат тоа што кога биле суетни не го разбрале – дека заради малку его загубиле љубов и разбирање…

Треба ли да се простува повеќе од еднаш?

-Треба да се простува цел живот и тоа многупати. Секогаш кога нешто или некој ни е значаен, а нашата свесност, љубов и сила се поголеми од штетите на стореното, треба и убаво е да простуваме. Сепак, многу е поважно кому и за што ќе му простиме, отколку колкупати ќе го сториме тоа.

Кон што води непростувањето?

– Може да изроди болести и празнини, тага и депресија, маѓепсан круг заради недовршени работи и долготрајна борба со сопствениот очај. Може да биде почеток на една манична фокусираност кон проблемот на проштевањето и лицето кому не можеме да му простиме. Но, од светлата страна ако погледнеме, може да доведе и до зголемување на свесноста кај оној кој ни се огрешил, покајание и болка која има позитивна цел, а тоа е обострано подавање рака. Зарем има нешто поубаво од тоа кога тој што се огрешил самиот ќе побара прошка со искрена покајаничка тага која доаѓа од срцето и бара враќање на човекот кому му се згрешило, а во истовреме пак, оној кому му било огрешено со чисто срце вели – дојди, простено ти е?! Се разбира дека тоа е идеалното исходиште.

Како да си простиме самите себе?

– Ах, најтешкото прашање. Ако успееме во тоа, значи дека припаѓаме на една од двете крајности – или сме толку себевљубени и во своите мисли обвиени со ореолот на безгрешноста, па мислиме дека сè ни е простено. Или пак, од другата страна, сме станале свесни и сме увиделе дека она што некому сме му го сториле не било грев и намера, туку некаква колатерална штета од многу фактори. Многу често луѓето мислат дека си простиле, а впрочем длабоко во себеси не се ни свесни колку сè уште се чувствуваат грешни, иако поради некоја сурогат-гордост не сакаат и не можат да се видат себеси во таа улога. Сепак, не сме создадени за сами на овој свет и имаме одговорност и кон другите… Затоа, простувајте… Што и како и колку тоа за вас да значи!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот