Министерството за култура одвои 1,8 милиони денари за Вевчанскиот карневал

Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски денеска го потпишаа договорот за финансирање на еден од најстарите европски и први карневали во државата – Вевчанскиот карневал.

Изминатите две години Министерството за култура не додели финансиски средства за Вевчанскиот карневал, поради, како што појасни министерката, административни пречки.

– Кога се објавуваат резултатите од годишниот конкурс манифестацијата е веќе завршена и комисиите не можат да доделат финансиска помош за завршен проект. Токму затоа после таа случка разговаравме со градоначалникот дека ќе направиме посебен договор каде од една од ставките на Министерството за култура ќе се финансира сумата што и е потребна на Општината да го организира карневалот. По завршувањето на годинашниот карневал сметам дека треба да најдеме механизам за ова прашање да стане пракса и да нема прекин во финансирањето на Вевчанскиот карневал и поддршката од државата нема да изостанува, рече Костадиновска Стојчевска.

Министерството за култура, како што истакна министерката, ги препознава придобивките и останува доследен партнер на манифестацијата, но и на останати содржини кои го афирмираат Вевчани.

– Карневали има речиси во сите европски земји, но интересот за Вевчанскиот како облежје на овдешната култура и како туристичка атракција не стивнува. Вевчанци имаат посебен дух и гостопримство, посебна креативност, духовит и критичен однос кон општествените случувања, што од година в година се попривлечни и атрактивни за светските медиуми и гостите од регионот и од Европа, истакна Костадиновска Стојчевска.

Потсети дека вложуваат во едукацијата на младите за продолжување на традиција на фолклорната уметност на следните генерации, а го спомена и проектот „Василичарска епопеја“, првиот мурал кој го овековечи наследството на Вевчанскиот карневал.

– И оваа година ќе продолжиме да вложуваме во културата во Вевчани, како општина која е важен сегмент за нашата богата македонска изворна традиција и која се пренесува на новите генерации, подвлече ресорната министерка.

Градоначалникот Кочовски изрази благодарност за поддршката од Министерството нагласувајќи дека потребна е континуирана поддршка за една од најстарите карневалски манифестации.

– Општина Вевчани е најмалата Општина во државата, а можеби и во Европа. Едно населено место со 2.500 жители. Буџетот е ограничен, и секоја поддршка е добредојдена, се надевам ќе ги има во континуитет. Вевчанскиот карневал вреди да биде поддржан и не само од Министерството за култура, очекуваме и многу спонзори, кои ќе го поддржат настанот, рече Кочовски.

Тој уште еднаш потсети дека карневалот, стар 14 века, е полн со хумор и сатира и оти не сакаат да навредат и повредат никој со содржините и маските, туку само ја отсликуваат состојбата во земјава и светот изминатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот