Мини-фестивалот „Светско, а наше – Саботи на светска музика“ ќе се одржи во „Паблик рум“ во Скопје

Постер за мини-фестивалот во „Паблик рум (Јавна соба)“ во Скопје

Концерт на неофолк бендот „Калата“ на 17 февруари (сабота) ќе го отвори мини-фестивалот „Светско, а наше – Саботи на светска музика“ во „Паблик рум (Јавна соба)“ во Скопје. Со овој проект „Паблик рум“ секоја сабота ќе даде посебен акцент, во форма на мини-фестивал, на најдоброто од нашата држава во жанрот – светска музика.

„Калата“ е неофолк бенд од Скопје, кој прави паралела помеѓу источната и западната култура, со акцент на традиционалната македонска музика. Без ограничувања, музичарите се потпираат на своите чувства и инспирација, и со тоа се слободни да го свират она што ќе го побара нивната имагинација.

Групата „Калата“ од 2018 година настапува низ целата земја, вклучително и на „Д-Фестивал“, ПИН – Музичка конференција и шоукејс, како и на некои европски фестивали кои се дел од мрежата „MOST Music Programme“. Нивниот прв албум „Калата“ ќе биде објавен на почетокот на 2024 година, а дел од овој материјал ќе биде претставен и пред публиката на 17 февруари.

Членови на „Калата“ се Минела Богдановиќ – вокал; Марија Илиевска – придружен вокал; Симеон Ангеловски – бас; Александар Бошков – гитара; Кирил Кузманов – саксофон; Дамјан Грујо – тапани.

„Паблик рум“ веќе ги најави и следните домашни музички артисти што се дел од овој проект – уникатната Зарина Првасевда со својот бенд, како и веќе добро познатите „Фолтин“ од Битола.

Поради ограничениот број публика, билети за овие интимни музички сеанси можат да се купат само онлајн на drugastrana.mk.

Фестивалот „Светско, а наше – Саботи на светска музика“ е во организација на „Паблик рум (Јавна соба)“ од Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 218, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот