Мицкоски: Ако лидерската средба е без суштина и без заклучок, подобро да ја немаме

Христијан Мицкоски/Фото: ВМРО-ДПМНЕ
Моето искуство за лидерските средби со Димитар Ковачевски се темели на два настана, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во емисијата 360 Степени на телевизија АЛСАТ М кој ја коментираше најавената лидерска средба за која се уште нема официјална покана и додаде дека и на двете лидерски средби Ковачевски пред себе имал лист хартија од која читал и откако го прочитал средбите завршиле без некаква суштина и заклучок.
-Првиот настан е откако го прифати последниот предлог во јавноста познат како француски предлог во Клубот на пратеници, дојде со ливче од кое што читаше. Му ги кажав забелешките и тој тогаш даде одговор од тоа јас што му кажав и заврши лидерската средба, си дадовме секој своја изјава, добивме прашање од новинарите и си заминавме. Потоа организираше тој условно кажано една лидерска средба во поширок формат во рамките на парламентот. Дојде на таа лидерска средба придружуван од Али Ахмети и Талат Џафери. Присуството на Талат Џафери беше во улога на домаќин бидејќи се случуваше во македонското собрание. Повторно имаше пред себе неколку листа хартија, исчита што му беше напишано, секој од присутните си кажа свое мислење и потоа излеговме сите надвор, дадовме изјава  и повторно ништо не се случи, истакна Мицкоски.
Претседателот Мицкоски порача дека доколку Ковачевски очекува да има нова лидерска средба која ќе помине како двете претходни, без суштина и заклучок, подобро и да ја нема.
-Ако имаме лидерска средба или тимска средба, без разлика како сакате наречете ја без суштина, без заклучок, подобро да ја немате. Зошто да ги оптеретуваме граѓаните, смета Мицкоски.
Претседателот н ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата 360 степени на ТВ АЛСАТ М вели дека најпрво е потребно да се одржат избори, а каква ќе биде идната влада зависи од резултатот, но дека тој е за влада со широко македонско национално единство, а не за влада како сега која е потчинета на ДУИ.

-Дали ќе има и каква ќе биде идната влада, зависи од резултатот на изборите кои што би биле или предвремени или редовни. Така што најпрво е потребно да се случат тие избори, врз основа на резултатот од тие избори ќе треба да видиме кои, што и со какви параметри располага, па дури потоа да седнеме да разговараме за политики, да видиме дали ние можеме да конвергираме кон исто решение врз основа на тие политики, изјави тој.

Јас сум за влада во која што ќе имаме едно широко македонско национално единство, бидејќи сега сме во влада во која што има се, само нема македонско единство. Имаме премиер кој што нема народен легитимитет и имаме македонска условно кажано политичка партија која што е малцински потчинет партнер односно во заложништво на оние кои што вистински управуваат, дециден е Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека по 20 години на власт, време е ДУИ да оди во опозиција.

-ВМРО-ДПМНЕ цени, а и јас тоа го кажувам на настаните кои што ги организираме низ Македонија, под насловот „Ова е  Македонија за сите” дека е редно време после 20 години ДУИ да помине одреден период во опозиција.

На прашањето дали и доколку победи ДУИ кај етнички Албанци треба да се опозиција, претседателот Мицкоски истакна дека според оние бројки кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ од анкетите на граѓаните, тој не е сигурен дека ќе победат

-Па јас не сум убеден дека воопшто ќе победат, имајќи ги во предвид бројките со кои што располагаме ние во нашите мерења, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интевјуто за емисијата 360 степени истакна дека владата нема легитимитет ниту авторитет да спроведува  процесот на уставни измени кои ги најавуваат цела година.

„Требаше да се случат есента 2022 година, па не есента, па крајот на 2022 година, па го репозиционираа тој термин за февруари 2023, па не февруари во мај, за сега да дојдеме во една фаза во која го туркаат на начин на кој тие го замислиле”- рече Мицкоски и дополни „Политичари кои сакале да имаат политички авторитет и политичари со народен кредибилитет најпрвин треба да излезат пред народот.

Претседателот Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ побара да се дадат гаранции, да се изготви социјален пакет, зачувување на национално достоинство како предуслов за било какво отворање на темата за уставни измени, но пред се да се излезе на избори и сите овие околности и црвените линии да се претстават пред народот.

„Се прифати решение за кое што немаше национален консезус. Дури и одредени партии кои беа дел од владината коалиција тогаш, застанаа против тоа решение. Зошто е важен тој национален консензус? – посочи Мицкоски и продолжи: „Кога ќе ви речат подобар договор од ова не може да има, тоа е своевиден ултиматум. Од каде да знаат луѓето? Зарем во сета оваа поларизација во Македонското општетство, немањето народен легитимитет и авторитет, да верувам во преговарачките и дипломатските способности на Бујар Османи,  Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека постигнале најдобар договор и дека од тоа подобар не може да има? Имаше подобар договор и ќе ви кажам и подобри понуди. Предлогот на германското претседателство е многу подобар од овој кој што го потпишаа. Знаете зошто не помина, затоа што во Бугарија се постигна национален консензус и тие го одбија тоа и знаеа дека следниот предлог ќе биде многу подобар, – рече Мицкоски и потсети дека  владата и Димитар Ковачевски одби да го вклучи ВМРО-ДПМНЕ во процесот кога му беше понудено.

Мицкоски посочи дека дури и Договорот кој што во време владата на ВМРО-ДПМНЕ и владата на ГЕРБ го договарале и кој  бил речиси завршена работа бил многу поповолен од тоа кое што после тоа го потпиша Зоран Заев, но најпрвин не бил потпишан поради тоа што во прв момент падна владата на Борисов, па имаше година дена техничка влада, а потоа почнаа да се објавуваат оние нелегални снимки од 2015-та година од страна на тогашната опозиција и Зоран Заев.

„Јас барам фер шанса за мојот народ. Овој народ и овие граѓани на Македонија направиле толку многу за тие европски вредности, што не заслужија ваков однос. Јас само тоа го барам, фер однос, каков што имале Словенците, Хрватите, Чесите, Унгарците, Романците. Знаете зошто не постои фер за нас, затоа што имаме политичари кои што по линија на помал отпор, за да останат ден повеќе да прават сомнителни работи за кои постојат основани сомневања за криминал и корупција, се подготвени се и сешто да потпишат’ – рече Мицкоски и нагласи дека ќе се бори за својот народ и ќе бара од Европа да застанат позади вредностите кои што на времето ги дефинирале Шуман, Аденауер и Де Гаспери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот