Миа Гаврилоска, дефектолог, магистрант по клиничка психологија: Нарушен слух кај деца (нарушен дел од сензорниот развој)

Миа Гаврилоска/ Фото: Приватна архива /Flickr

Рана интервенција на деца родени со фактор на ризик претставува низа неопходни иследувања и третмани (медицински, психолошки, образовни, социјални) насочени кон деца што покажуваат каков било степен на заостанување во својот развој или припаѓаат во ризична група деца и воедно задоволување на нивните потреби. Навремено превенирање и интервенирање (доколку е можно) за време на бременоста на жената, по раѓањето на детето и по излегувањето од одделот за неонатална интензивна нега.

Постојат различни т. н. модели за интервенирање кај деца родени во термин и предвремено родени. Резултатите при примена на интервентните програми за моторниот развој на детето покажуваат поголема ефикасност доколку се вклучени во него и родителите и се реализираат во првите месеци во домот каде што живее детето. При спроведување и евалуирање на програмата за рана интервенција, потребна е идентификација на сите посебности кај детето, но истовремено и користење на сите расположливи потенцијали како на самото дете, така и на членовите од семејството и локалната заедница.

Кабинетите за рана психомоторна стимулација при Центарот за рехабилитација би требало да ги промовираат континуирано потребите на спроведување рана интервенција кај деца со невроразвојни ризици, поддршка од целото семејство и неопходност за втемелување на раната интервенција во сите локални заедници (вклучувајќи ги и малите места за живеење).

Битно е да се нагласи дека постои ран, континуиран и сеопфатен третман. Раната интервенција се реализира од тим што го сочинуваат разни профили на стручни лица со соодветно образование, компетентност и искуство. Должноста на секој од нив треба да е добро дефинирана и координирана. Тимот е составен од педијатар, детски невролог, логопед, дефектолог, физио-терапевт, психолог, со едем збор интердисциплинарен и мултидисциплинарен пристап во третманот.

Раната интервенција подразбира и ангажирање разни сервиси и поддршка какви што се – сервис за семејна терапија, за советување, домашна посета, здравствен сервис за дијагноза, следење и евалуација, нутриционистички сервис, психолошки и социо-работен сервис… Секое дете нема потреба од сите горенаведени т. н. сервиси.

Битен сегмент што треба да се нагласи е што порано да се започне со терапијата за подобри резултати или во првите три години од раѓањето на детето. Честопати се реализира во три етапи… првите две години од раѓањето каде што програмата се реализира во домот на детето, на неделно ниво. Од втората до третата година се преодни програми, а потоа подготовка за училишна програма (рано советување, идентификација, рекреација, здравствен мониторинг, специјална едукација…).

Раната интервенција е со цел да го поттикне сензомоторниот, емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето, а на тој начин да му се обезбеди активно и што поуспешно осамостојување и навлегување во социјалниот живот. Првите пет години се исклучително важни за спроведување на третманот особено за деца со развојни тешкотии. Во тој период мозокот има исклучителна способност да менува и да приспособува искуства и стимулации.

Меѓу другите можни невроризични и невроразвојни отстапувања кај децата е и оштетен слух, каде што секако раната превенција во првите месеци од животот е од витално значење. Нелекувано губење на слухот натаму води и кон можност за нарушен говор, па затоа навремениот скрининг може да овозможи натамошен нормален развој на детето. Откривање на ризик-факторот има големо значење. Конгениталното оштетување е присутно од раѓање, но можно е и наследно или хередитарно или предизвикано од други пренатални или перинатални фактори.

Содржина

Слухот е едно од основните сетила што нè водат низ животот. Оштетениот слух кај децата според времето кога е настанат, може на биде поделен на конгенитално (вродено) и стекнато (кое се јавило по раѓање)

Можни ризик-фактори за оштетување на слухот

1. Инфекции за време на бременоста (сипаници, токсоплазмоза, цитомегаловирус)

2. Консумирање ототоксични лекови за време на бременоста

3. Компликации при породување (сериозни инфекции како херпес, рубеола, цитомегаловирус) – тогаш е неопходно детето да е хоспитализирано во неонатална интензивна нега

4. Новороденче со мала телесна тежина под 1,5 кг

5. Лекови што се ординирале за одржување на респираторните органи кај предвремено родени бебиња

6. Нарушување на мозокот и на нервниот систем

7. Генетски синдром (Ушеров, Даунов или Ваарденбург синдром)

8. Податок за генетска предиспозиција

Стекнато оштетен слух кај деца – можни причинители

1. Нелекувана инфекција на средното уво

2. Инфекции како менингитис, заушки, сипаници

3. Перфорација на ушното тапанче/мембана

4. Енормно голема бучавост, огномет, петарда… Доколку новороденчето или детето е изложено на голема бучавост подолг временски период, слушните клетки може неповратно да бидат оштетени

5. Болест како абнормален раст на ковчињата во средното уво (отосклероза)

6. Сериозна повреда на глава

7. Ототоксични лекови (кои доведуваат до оштетување на слухот)

8. Непознат причинител

Генетско оштетување на слухот

Честопати оштетувањето на слухот е генетски предиспонирано и може да биде автозомно доминантно, автозомно рецесивно и поврзано со Х-хромозомот.

1. Кај автозомно доминантно оштетен слух едниот родител носи доминантен ген за оштетен слух, кој е карактеристичен за преносливост кај поколението. Можноста да има оштетен слух детето е 50 отсто доколку и двата родители го немаат овој доминантен ген.

2. Кај автозомно рецесивно оштетување на слухот иако двата родители имаат уреден слух, носат рецесивни гени и мерено во процентуалност како можност да се пренесе на дете е 25 отсто

3. Кај Х поврзан оштетен слух – мајката носи рецесивна предиспозиција на хромозомот што го определува полот и се пренесува на машки деца

Ототоксични лекови

Таканаречените отровни лекови за увото или ототоксични се голем ризик фактор за глувост, со што предизвикува оштетување на внатрешното уво, на слушниот нерв, па дури и на центарот на слух и рамнотежа. Веќе постои добро позната листа лекови што може да го нарушат слухот и не се препорачливи да се земаат за време на бременоста но и кај децата по раѓање – гентамицин, тобрамицин, канамицин, стрептомицин, неомицин, амикацин, потоа лекови што го поттикнуваат мокрењето, а истовремено и аспиринот, кој често се користи за банални настинки. Неретко по земање на овие лекови, се јавува и слабо развиен говор, намалена концентрација кај детето, неуспешна секојдневна комуникација…

Процена на слух

Тестови со кои може да се уочи објективната состојба на детето се: субјективна процена на слухот и натамошни тестови за кои е потребен добро едуциран кадар, но сето тоа зависи и од возраста на детето. Во тестовите спаѓа: бихевиорална аудиометрија (која може да се реализира најрано кај деца над 6-месечна возраст), тимпанометрија (ја испитува функцијата на средното уво), тонална аудиометрија (кај деца над 4 години и без други оштетувања), говорна аудиометрија (погодна за деца од 2-4 години), отоакустични емисии (се користи да се види дали кохлеата е функционална) и аудитивни евоцирани потенцијали или познато како БЕРА испитување. Се реализира и кај најмала возраст во седирана состојба, каде што одговорите се регистрираат преку електрода што се поставува на челото или зад увото и со помош на посебен софтвер како одговор се добиваат 5 брана. Слух нема доколку одговорот го надминува прагот од 90 децибели.

Доколку напредокот во слухот и во говорот не е адекватен или нема напредок, се препорачува имплантирање на кохлеарен имплант, кој е во вид на електрода и се става хируршки зад увото.

Поврзаност меѓу слухот и говорот

Главна алка во развојот на говорот е слушање звуци, што е можно појасно. Кога детето има богат звук во текот на целиот ден, поголема е можноста за разбирање на околината и комуникација со неа. Секој период од животот има различни т. н. потреби за слушање. Примарна цел на бебето и на малите деца е да слушаат звуци околу себе. Додека во школската возраст насочувањето на концентрацијата и директното обраќање стануваат многу битен сегмент. Во нарушен говор спаѓа – дислалија, ринолалија, тахилалија… Во нарушен јазик спаѓа – алалија, афазија, дисфазија… Изворот на звукот или говорот стануваат впечатливи кога бебето гледа од каде доаѓаат или кој ги праќа. Тоа почнува да добива потполна слика за луѓето, за предметите и за појавите. Првите говорни стимулации за бебето претставуваат само шумови од различен интензитет, а нивната смисла почнува да ја разбира со поврзување на говорниот звук и изразот на лицето од лицето од кое е упатен звукот. Кај дете со тешкотии во развојот – разбирањето на овие емоционални компоненти може да недостасува, а во подоцнежната фаза на развојот – говорот и јазикот почнуваат прогресивно да се развиваат или не (во зависност од оштетеноста на слухот).

Заклучок

Според американските статистики, секое трето дете во САД е со оштетен слух, а како најчеста причина е предвремено раѓање. Со тоа се наметнува потребата како рано превенирање, на секое новородено бебе да се реализира испитување на слухот. Неоткриено и нелекувано рано губење на слухот предизвикува нарушен говор, нарушена интелектуална способност. Од ова заклучуваме дека скрининг-тестот на бебињата е неопходен. Но, доколку постои сомнеж, потребно е БЕРА испитување кај детето, заради објективно иследување и превенирање за преземање натамошни мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот