Мерките за подобрување на вработеноста не го спречуваат одливот на млад кадар

epa05724816 A girl walks through snow in the city park after snowfall during the night in Skopje, The Former Yugoslav Republic of Macedonia, 17 January 2017. A cold wave across Europe affected Macedonia bringing low temperatures and snowfalls in many parts of the country. EPA/GEORGI LICOVSKI

Сѐ поевидентна е емиграцијата на висококвалификувана работна сила позната како „бреин дрејн“ или „одлив на мозоци“, односно недостиг на определени профили на кадри што најчесто емигрираат од државата во поразвиените држави како медицински кадар, инженери, ИТ-експерти, стручни лица и научници, студенти од техничките и природните науки, е најважната констатација од најновиот Извештај на Државниот завод за ревизија, кој го опфаќа периодот од 2017 до 2020 година.

Ревизорите констатирале дека владините документи и активности се насочени кон подобрување на вработеноста, но тие не се доволно ефективни за обезбедување вработување и вештини во согласност со барањата на пазарот на трудот и надминување на трендот од континуиран одлив на кадар од државата. Ваквата констатација се наметнува поради недореченостите во законската регулатива, делумната имплементација на стратешките и плански документи; преземените активности за подобрување на усогласеноста на вештините со барањата на пазарот на трудот кои не се остварени согласно утврдените цели и динамика; недостигот на доволно координиран и системски пристап за креирање на политики и следење на процесот на имплементација на предвидените цели и активности; недостигот од човечки ресурси на АВРСМ и потреба од изнаоѓање на дополнителни извори на финансирање, како и отсуството на редовна евалуација на ефикасноста и ефективноста на активните програми и мерки за вработување.

Висока стапка на невработеност кај младите лица

Високата стапка на невработеност кај младите лица (од 39,2 отсто во 2017 година, 37 отсто во 2018 година и 30,5 отсто во 2019 година) наметнува потреба од преземање мерки кои имаат за цел подобрување на нивната состојба на пазарот на трудот, пред сѐ преку олеснување на преминот од образование кон вработување. За справување со предизвиците со кои се соочуваат младите лица и нивната недоволна вработеност, Владата на РСМ во 2018 година предвидува реализација на мерка насловена како Гаранција за млади (ГМ), потсетуваат ревизорите.

– Успешноста на оваа пилот-мерка, со која младите лица се вработиле или биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување за 2018 година изнесува 41,7 отсто или од 5.266 невработени млади лица, 2.197 успеале да најдат работа (мерката е спроведена во три Центри за вработување). Во 2019 година, успешноста изнесува 35 отсто, или од 20.302 невработени млади лица, 7.232 успешно се вработиле (мерката е спроведена на ниво на РСМ) – стои во Извештајот.

Ревизорите констатирале дека младите луѓе во Македонија, се соочуваат со тешкотии при транзицијата од образование кон пазарот на труд, а значаен дел од нив се долгорочно невработени, со што ги губат стекнатите знаења и вештини, нивната продуктивност се намалува, а со тоа и можностите да најдат работа.

– Квалитетното образование засновано на анализа на потребите од знаења, вештини и компетенции е неопходно за намалување на неусогласеноста на вештините со потребите на пазарот на трудот. Со оглед на наведеното потребно е преземање на дополнителни активности за понатамошни зајакнувања на реформите на сите нивоа од образовниот систем во насока на продуцирање на кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот – оценуваат ревизорите.

Нецелосна имплементација на стратешките цели

Стапката на невработеност во РСМ во 2019 година изнесувала 17,3 отсто и таа се намалила за 5,1 отсто во однос на 2017 година, што делумно се должи на ниските стапки на активност. Ревизорите потсетуваат дека Владата ги утврдува стратешките приоритети, развојните политики и мерки, како и начинот на нивно финансирање во насока на надминување на разликите помеѓу побарувачката и понудата на работна сила, а со тоа и намалување на невработеноста. Но, кај основните стратешки документи кои ги креираат политиките од областа на пазарот на трудот и образовниот систем кои се насочени кон зголемување на вработеноста и квалитетот на работните места, утврдено е дека постои нецелосна имплементација на поставените стратешки цели.

– Ревизијата утврдила дека дефинирањето на Програмите, мерките и услугите за вработување на пазарот на трудот (АПМ) во рамките на Оперативниот план кој се изготвува на годишно ниво од страна на МТСП, a се имплементира од АВРСМ не се темели на детални анализи за одржливоста и ефикасноста на активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, со што би се потврдиле придобивките или слабостите. Од тие причини неопходно е континуирано оценување на успешноста на активните мерки за вработување и услуги на пазарот на труд, како и поставување на таргети и следење на нивното исполнување – пишува во Извештајот.

По ваквите констатации ревизорите ја истакнуваат потребата од зајакнување на капацитетите на човечки ресурси во Агенцијата за вработување и нивно постојано подобрување и утврдување на критериуми за реално планирање на финансиските средства по мерки, политики и услуги кои се важен предуслов за успешна реализација на планираните активни мерки и услуги на пазарот на трудот.

Реализираната ревизија на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2020 година и е составен дел на активностите утврдени со меѓународната паралелна ревизија на тема: „Работната сила 2030 – Дали е вашата земја подготвена?“ Во паралелната ревизија учествуваа осум врховни ревизорски институции, и тоа: Израел, Финска, Италија, Бугарија, Полска, Република Северна Македонија, Европски суд за ревизија (ЕCA) и Јужна Кореја. Со ревизијата на успешност беа опфатени повеќе субјекти од институционалната рамка за креирање и регулирање на пазарот на трудот.

Пандемијата остави негативни последици на пазарот на труд

Ревизорскиот извештај се осврнува и на негативните ефекти и влијанија предизвикани со појавата на пандемијата, особено на пазарот на трудот, кои значително се менуваат и добиваат сосема нови показатели. За степенот на погоденост на секторите, покажува и податокот дека од 11 март до 31 август лани, без работа, по разни основи останале вкупно 12,580 лица. Претежната дејност на работодавачот (37,7 отсто) е од преработувачката индустрија, 19,3 отсто се од трговијата на големо и на мало и 8,2 отсто се од угостителско-туристичкиот сектор.

– Основата за престанокот на работниот однос кај 46 отсто од работниците е што им завршил договорот на определено време, 23 отсто се со спогодбен престанок на работниот однос, 11 отсто дале отказ, додека 7 отсто добиле отказ од работодавачот – пишува во Извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот