Мемети: Пристигнаа реагенсите за коронавирусот

Во Институтот за јавно здравје се пристигнати реагенсите за испитување на коронавирус кои беа порачани од Холандија, потврди за „Слободен печат“, директорот Шабан Мемети.

Како што ни изјави Мемети, пристигнати се вкупно 500 тестови за одредување на вирусот кои веднаш се ставени на располагање доколку кај нас се појави случај на сомнителен пациент. Тој додаде дека со оваа пратка се дојдени и бесплатни тестови од Институтот „Луј Пастер“ во Франција, со кои уште еднаш се контролираат евентуално потврдените позитивни случаи.

– Пред 10-тина дена порачавме од Холандија реагенси за коронавирусот за кои можам да потврдам дека се пристигнати во Институтот за јавно здравје. Покрај нив ги добивме и бесплатните тестови од Институтот „Луј Пастер“ од Париз каде имаме соработка, а со нив со сигурност може да се потврди дали е позитивен или не нашиот примерок, тоа е контрола на реагенсите – ни изјави  Мемети.

Тој додаде дека Комисијата за заразни болести и епидемиолозите немаат потврда за пациент со симптоми на коронавирус, но дека се следи состојбата на сите гранични премини, како и на аердромите во Скопје и Охрид.

– Ние од почетокот сме активни како Институт и како центри за јавно здравје, нормално со министерството и Комисијата и можам да потврдам дека сме подготвени. Досега регионот е мирен, но сепак треба да бидеме спремни. Можам да кажам и претходно сме имале вируси (свински, птичји), но за коронавирусот сме многу повеќе подготвени, во споредба со претходните – додава Мемети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот