Матурантите од Крива Паланка добија по 3.000 денари од општината

Крива Паланка (Фото: МИА)

Во знак на поддршка на младите и субвенционирање на млади лица од општината, денеска на сметките на сите матуранти од средното општинско училиште „Ѓорче Петров” во Крива Паланка префрлени се 3.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка. Се работи за новa мерка која општината ја воведува оваа година.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на овој начин им ја честита матурата и рече дека првпат годинава се поддржани матурантите, со еден придонес кон претстојната прослава на нивната матурска вечер.

-Влогот во младите е влог во сигурна перспектива на општината и државата. Како општина, една од првите во државата, донесовме програма за млади, а од буџетот за 2023 издвоивме средства за директни субвенции на младите преку повеќе мерки, меѓу кои и за матуранти. Денес на сметките на сите матуранти од нашиот град, од СОУ „Ѓорче Петров”, како честитка за претстојната матурска прослава, префрлени се средствата од предвидените субвенции за нив – по 3.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка, мерка воведена првпат од оваа година, рече Митовски.

Овие млади луѓе, порача, се иднината, најголемата вредност на општеството, а иднината зависи од она што го прават денес.

-Изборот за иднината нека биде резултат на одлуките и изборите на кои упорно ќе се посветите, зашто секој успех е триумф на упорноста. Бидете упорни, вредни и мудри. Честита матура и среќно во новите предизвици, им порача Митовски.

Инаку, општина Крива Паланка од годинава воведе низа стимулативни мерки за млади, меѓу кои: субвенции за набавка на дигитални уреди, субвенции за набавка на велосипед, еднократна парична помош за секое новороденче, субвенција за набавка на количка за новороденче, еднократна парична помош за матуранти и други.

Од буџетот се вложува во спортска и детска инфраструктура, со поддршка од Владата, министерствата и Агенцијата за млади и спорт, со што се изградени повеќе спортски содржини и терени.

-Финансиска помош за сите спортски клубови е доделена во висина од 3 милиони денари, кои се насочени кон младите. Крива Паланка е град на млади таленти што ја заслужуваат нашата поддршка, додаде Митовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот