Марковски: Ако има ПАРТИСКО вработување во АРМ, ќе влијае врз БЕЗБЕДНОСТА

Благоја Марковски

Воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски за „Слободен печат“, коментира дека не гледа ништо лошо во трансформирањето на Полкот за специјани сили во Баталјон за специјални сили, „Волците“ и „Ренџерите“ во Баталјон за извидување, разузнавање, набљудување и определување на цели (ИРНОЦ). Според него, нема да биде нарушена безбедноста на државата ниту квалитетот на дејствување на армијата, бидејќи ќе се користат безбедностите услуги на НАТО.

Дали „Волците“ и „Ренџерите“ треба да се спојат во Баталјонот за извидување, разузнавања, набљудување и определување на цели (ИРНОЦ), кои ќе бидат потчинети на Здружената оперативна команда, односно идната Оперативна команда, а под иста палка ќе биде и Полкот за специјалните сили кој ќе се трансформира во Баталјон за специјални сили?

Станува збор за Стратегискиот одбранбен преглед кој е донесен минатата година со одобрување и на воениот и на државниот врв на Македонија. Во досегашната структура, Армијата на Република Македонија имаше околу 8.000 припадници, со новиот Стратешки одбранбен преглед, таа бројка се намалува на 6.800 и согласно тоа, се врши преструктурирање на составот на Армијата. Досегашниот Полк за специјални операции беше директно потчинет под Генералштабот, со новата структура тој се трансформира во Баталјон за специјални сили и е директно потчинет под новата команда за Операции. Оваа команда на операции ќе биде составена и малку поразлична од здружената Оперативна команда. Од сите составни единици на Армијата, притоа, мислам на моторизираната пешадиска бригада, воздухопловниот винт, инженерски баталјон, Баталјон на воената полиција, Баталјон за врски, Баталјон за специјални сили и еден нов Баталјон кој се формира во така нарачен Баталјон ИРНОЦ, кој ќе биде исто така во склад со новите ризици, предизвици, на безбедноста и во рамките со стандардите на НАТО структурите.

Што ќе донесе армиското трансформирање? 

– Ние сме пред вратите на НАТО, речиси е сигурно дека Македонија ќе стане 30 членка на НАТО. Дали тоа ќе биде во декември или подоцна ќе зависи од формирањето на шпанската влада. Таа не само што треба да ги прифати стандардите на НАТО, туку ќе има придобивнки во однос на безбедноста, а во смисла на споделување заеднички активности, согласно членот 5 од НАТО Договорот и во таа смисла не гледам никаква опасност што Полкот за специјални операции се трансформира во Баталјон за специјални сили, бидејќи членот 5 на НАТО Договорот, предвидува заедничка одбрана во секоја смисла на сите НАТО членки. Еве на пример, иако сè уште не сме формално членка на НАТО, меѓутоа, согласно стандардите за одбрана на НАТО, Македонија потпиша договор со Грција за заедничка заштита на воздушниот простор, која е операција во рамките на НАТО Стандардите, во таа смисла во било која друга опасност, предизвик или било што, што се однесува на безбедноста, Македонија ќе има можност, условно да кажам, да ги користи безбедностите услуги на структурите на НАТО. Затоа, не е ништо страшно што во рамките на трансформацијата на македонската армија, Полкот за специјални операции се трансформира во Баталјон на специјални сили. Не се укинува, туку, се трансформира во помала единица, согласно потребите и можностите на Република Македонија, притоа безбедноста нема да биде во никаква смисла нарушена или оневозможено да се делува, затоа што повторувам ќе бидат користени и безбедностите услуги на НАТО.

Дали според вашето мислење ќе има потреба да се отпуштаа вработени од армијата, ако се земе во предвид дека според досегашниот план армијата треба да брои 8.000 припадници, а според Стратегискиот одбранбен преглед 6.800 ?

– Факт е дека досегашниот состав на армијата броеше 8.000 персонал, исто е факт дека сите тие позиции не беа пополнети и со новата трансформација на армијата ќе имаме во некои сегменти на структурите на Армијата, помал број на персонал од она што е потребно, некаде ќе има и вишок. Во таа смисла, тоа што е вишок, а што не може да се трансформира и да премине во новите состави во структурите на Армијата, со разни активности ќе им биде обезбедено, ако се пред пензија – пензионирање, ако не се пред прензија – можност да преминат во други државни институции, како што имавме порано такви случаи, припадници на Армијата отидоа во граничната полиција, во судска полиција. Главно, тој вишок, ќе биде прераспределен во согласност со досегашните припадници на Армијата, во разни државни институции, а таму каде што се појавува помал број на персонал ќе се организира прием во Армијата и нивно оспособување за функциите што треба да ги исполнуваат.

Дали со расформирањето се отвора место за, како што во јавноста се говореше вработување на партиски кадар на коалицијата на власт ?

– Старатегискиот одбранбен преглед, исто така предвидува во рамките на ова преструктурирање, а по однос на обврските на земјата кон исполнување на условите од Охридскиот рамковен договор, пополнување на армискиот состав со припадници од немнозинските заедници во рамките на нивната процентуална застапеност во земјата. Тоа не значи дека јас апсолутно сум убеден во тоа дека пополнувањата на структурите на Армијата со неопходниот стручен  кадар ќе се врши по партиска линија, туку, исклучително врз основа на покажаната стручност, притоа водејќи сметка за застапеноста од немнозинските заедници од земјата. Во Армијата ако се вработува по партиска линија тоа многу брзо доаѓа до израз во негативна смисла и ако се запостави стручноста директно влијае врз безбедноста и способноста да се реагира во било какви безбедности ситуации, опасности и ризици. Јас имам разговарано и со највисокиот армиски врв, тие се свесни за една ваква аномалија и апсолутно се одлучни натамошното пополнување на структурите на Армијата да биде согласно стручноста и застапеноста во немнозинските заедници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот