Маричиќ: ВМРО-ДПМНЕ се плаши од резултатот на изборите, затоа не гласа за техничката влада

Бојан Маричиќ - вицепремиер за европски интеграции / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Сакаат да стават дамка на изборите, затоа што се плашат од нивните резултати. Секогаш кога ќе почувствуваат дека ќе ги изгубат изборите тие го прават тоа. Зашто ако сите анкети, според нив, или сите нивни анкети кажуваат дека се во голема предност, зашто е тогаш проблем да ја составиме таа техничка Влада, да гласаат за неа како што гласаа пред четири години и да излеземе на изборите секој со својот концепт, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Студио 10“ на ТВ24.
Маричиќ смета дека граѓаните ќе оценат подобро дали концептот на европскиот фронт или концептот на ВМРО-ДПМНЕ за изолација е подобар.
– Ставањето дамка на изборите значи повторно враќање на државата години и години наназад и затоа е добро да има техничка влада – рече Маричиќ.

Тој додава дека е веројатно уникатен случај во историјата на демократијата да понудите министри во некоја влада, а да гласате воздржано за таа влада, рече вицепремиерот и додаде дека ваквиот потег на ВМРО-ДПМНЕ е несериозен и дволичен.

Маричиќ истакна дека процесот на интеграција во ЕУ е заедничка битка на Македонија и на членките на ЕУ и дека се постапува по сите забелешки на одредени земји членки.
– Ние не можеме да заборавиме што нам ни се случи 2019 година, кога сосема неоправдано бевме тргнати од масата за одлука за проширување на Унијата. Тоа не е никаков изговор, но целта на сето ова и секогаш кога сум разговарал со кој било амбасадор, сум рекол дека ова е заедничка битка која заеднички и принципелно треба да ја биеме. Холандија има право да се изјасни за кој било проблем, бидејќи ние сакаме да станеме членка на ЕУ. И ние треба да се навикнуваме дека во иднина како што ќе тече преговарачкиот роцес, така секоја членка ќе си ги изнесува свите грижи и забелешки и тоа е нормален тек на работите – порача Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека во изминатиот период нашата држава освен уставните измени, направила сè што е потребно да се забрза процесот на интеграција.
– Каде сме денеска ние во евроинтеграциите? Ние сме со завршна прва фаза на процесот на преговори, завршен скрининг, ги очекуваме извештаите за вториот и третиот кластер кои се повеќе економски. За првиот веќе ги имаме. Ги поднесовме тие патокази кои самите сме си ги утврдиле и беа поддржани и во парламентот, во комисиите од сите пратеници, од сите партии и направивме она што беше возможно без уставни измени – рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот