Маричиќ: Три-четири години за членство во ЕУ е многу скоро, ама не и неостварливо

Бојан Маричиќ во Брисел/Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека целта е да се залагаме што побрзо да влеземе во ЕУ, но ако не се направат уставните измени дефинитивно ќе биде испуштена шансата за членство во Унијата.

Во врска со оптимистичката изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека за три до четири години Македонија ќе влезе во ЕУ, Маричиќ оценува дека тоа и не неостварлиов, но треба да се биде реален дека тоа е многу скоро.

– Ние ги започнавме преговорите минатата година, тие во просек траат четири до пет години. Така што тоа толку и не е неостварливо, ако работиме од двете страни. Секако дека мораме да бидеме оптимисти, но и реални. Владата зацрта цел до 2030 година да стане членка на ЕУ. Три-четири е многу скоро, но за три-четири години можеме да се поместиме многу во преговорите со ЕУ, доколку работиме и се разбира доколку ЕУ зацрта една агенда, тие три-четири години бидат искористени максимално и ќе бидеме неповратно ќе бидеме отидени брзо кон членство – изјави Маричиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања за лидерската средба и што ќе му биде понудено на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тој реле дека не може да одговори бидејќи станува збор за лидерска средба и не може да говори во името на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

– Очекувам да бидат поставени сите прашања со уставните измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како да се изведат тие најбрзо и наједноставно со цел да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме евентуалната блокада. Мислам дека само дијалогот е најдоброто решение и пред да започне процедурата во Собрание, логично е да седнат лидерите на најголемите политички партии, да поразговараат. Владата ќе биде конструктивна и секогаш ќе биде конструктивна – вели Маричиќ.

Но, според него, важно е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки.

– Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор. Еве им се дава прилика да не ја пропуштат шансата овој пат, со тоа што сега текстот, содржината на измените е далеку, да речеме е со помала тежина и предизвикува помали проблеми во однос на тоа што било претходно – додава Маричиќ.

Тој не гледа ништо спорно зошто во Уставот не би требало да се впишат уште неколку заедници, кои, како што вели, се и онака граѓани кои живеат во земјава.

Маричиќ, сепак, е дециден доколку не се направат уставните измени, дефинитивно ќе биде испуштена шансата за влез во ЕУ.

– Има некое чувство кај дел од опозицијата дека не е битно кога ќе бидат измените и дека можат да се направат по три години и по четири години. Мислам дека тоа е едноставно губење на време, коешто не можеме да го вратиме и коешто може да предизвика уште десет години да останеме во чекалната – додава тој и оценува дека сега е моментот и кога се отвара патот кон ЕУ.

Тоа, според него, се пораките од Брисел, од претседателката на Европската комисија и од сите останати добронамерни сојузници на нашата држава.

– Затоа реков одговорноста на опозицијата е огромна и не може да се избегне. Знам дека би сакале најмногу некој друг да ги реши проблемите за нив, но дел од нив ќе мора да учествуваат во оваа одлука. Јас верувам дека ќе дојдеме до таа точка и нема да ја пропуштиме шансата – вели вицепремиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот