Мандатарот Ковачевски (ќе) го зголеми влогот за помалите партии: Едно министерство ќе води партијата на Тито Петковски

Тито Петковски, лидер на НСДП/ Фото: Архива на слободен печат

Се ќе биде појасно откако Ковачевски ќе го „среди“ сопствениот двор. Ние имаме квалитетни и компетентни кадри, подготвени да раководат со сите министерства кои сега се на СДСМ. Понуда за учество со министер во новата влада имаме, но засега не за конкретен ресор, велат од НСДП на Тито Петковски.

Комбинациите, шпекулациите и, генерално, составот на новата влада на мандатарот од СДСМ, Димитар Ковачевски, останува во жижата на интересирањето на јавноста. Тој најави дека најдоцна до 18 јануари се ќе биде познато и неговата влада ќе стапи „на сила“.

Откако Ковачевски ќе одлучи кои од актуелните кадри на СДСМ и во кои ресори ќе бидат дел од новата влада, ќе се знае која министерска фотелја ќе ја добие Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски, која е во владината коалиција, велат извори од власта. НСДП веќе има таква понуда, но се уште не е прецизиран ресорот со кој ќе раководи. Министерството кое ќе го добие едно од оние кои досега ги раководеа кадри на СДСМ.

– Се ќе биде појасно откако Ковачевски ќе го „среди“ сопствениот двор. Ние имаме квалитетни и компетентни кадри, доктори на наука подготвени да раководат со сите министерства кои сега се на СДСМ. Понуда за учество со министер во новата влада имаме, но не за конкретен ресор. Можно е да биде Министерството за труд и социјална политика, но прво да видиме што ќе реши Ковачевски за министерските позиции на кои ќе дојдат да раководат од СДСМ – вели функционер од НСДП.

Понудата за министерска позиција НСДП ја доби откако пропадна првичната идеја партијата на Петковски да добие министер без ресор. По влезот на Алтернатива во власта и договорот партијата на Африм Гаши да добие министер без ресор одговорен за дијаспората, тогашниот премиер Зоран Заев и лидерот (во најава) на СДСМ Ковачевски предложија – поради етнички баланс – во новата влада да има уште три министерски позиции без ресор од кои една да добие НСДП, бидејќи не партиципира во извршната власт. Но, со понудата да имаат министри без ресор не се согласија помалите коалициски партии, а таа наиде на осуда и од јавноста.

Средби со мандатарот Ковачевски очекуваат сите помали коалициски партии за да се прецизираат веќе испорачаните нивни барања во новата владина програма.

Ковачевски официјално одбива да открие кои од актуелните министри ќе останат во новата влада, се додека не разговара и со нив и со потенцијалните нови кандидати за министерски позиции.

– Не очекувам да има поголеми промени во ресорите, од причина што веќе има владина програма којашто се реализира, меѓутоа таа ќе биде надополнета и ќе биде претставена заедно со новата влада. Евентуално само еден-два ресора ќе бидат конечно распределени кога ќе завршат разговорите со сите коалициски партнери – вели Ковачевски.

Извесно е дека во новиот владин состав нема да бидат Мила Царовска, Венко Филипче и Радмила Шеќеринска.

Неофицијално, вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски се споменува како иден министер за одбрана. Во тимот на Ковачевски остануваат вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ кој треба да биде новиот вицепремиер за евроинтеграции. Трајан Димковски од заменик ќе седне во министерската фотелја во земјоделство, а Благој Бочварски останува во ресорот транспорт и врски. Сања Лукаревска е „планирана“ за вицепремиерка за борба против корупција. Наводно Оливер Спасовски сака да остане прв човек на Министерството за внатрешни работи, но нема информации дали така миси и Ковачевски. Ако НСДП го добие труд и социјала се шпекулира дека министерка ќе стане пратеничката Соња Мираковска. Министерка за правда можно е да биде пратеничката Славјанка Петровска, додека не е познато (нема ни шпекулации) кој ќе раководи со Министерството за култура.

Кај ДУИ ќе нема други промени, освен веќе договорената размена – Јетон Шаќири од Министерството за информатичко општество оди во Министерството за образование. Алтернатива ќе раководи со здравство, информатичко општество и ќе има еден министер без ресор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот