Македонските државјани се безбедни во американските бази

Нема информации за настрадани македонски државјани во нападите врз американските воени бази во Ирак. Во кризните подрачја Македонија нема испратено војници, но има македонски државјани на логистички задачи, велат од МНР и од Генералштабот.

Нема информација за цивили од Македонија кои побарале помош за евакуација од Ирак по ракетирањето на воените бази Ал Асад и Ирбил, изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за надворешни работи (МНР). Од Генералштабот на Армијата велат дека во кризните подрачја воопшто нема испратено војници од земјава. За оние македонски државјани кои веќе се наоѓаат во тие земји, како и на поширокиот простор на Блискиот Исток, МНР советува претпазливост и постојано следење на состојбата.

„Во случај на потреба, веднаш да се јават на дежурниот сервис во МНР: +389 75 273 732 или на другите ГлобалСОС телефони во најблиските дипломатски претставништва на Република Северна Македонија, Анкара +90 539 456 97 10, Истанбул +90 545 614 97 77, Тел Авив +972 737 154 900, Доха +974 665 979 44, Абу Даби +971 564 41 7532. Напоменуваме дека овие броеви се достапни и на апликациите Вибер или Вацап.“

 

Безбедни се и македонските војници во Авганистан и во Либан

 

Безбедни се и македонските војници кои се распределени во мировни мисии во Авганистан и во Либан.

– Во моментов од нашата армија имаме околу педесет мировници во Мировната мисија во Авганистан, неколку штапски офицери во мисијата на ОН во Либан и еден претставник во мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина. Генералштабот одржува секојдневни комуникации и командува со нив. Последната информација е дека сите се безбедни и на извршување на своите работни задачи во главниот штаб и во командата за обука и советување во главниот град на Авганистан, Кабул, придржувајќи се на сите мерки кои ги имаат од страна на командата на мисијата. Сè што важи и за другите припадници на мисиите, важи и за нив – вели портпаролот на Генералштабот на АРМ, Тони Јаневски.

Граѓаните на Куманово со особен интерес ја следат состојбата на Блискиот Исток затоа што голем број на жители од овој град се работно ангажирани на логистика која за американската војска ја спроведува цивилниот сектор. Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски вели дека кумановци се загрижени поради новонастанатите состојби.

– Јас како градоначалник на Куманово ги осудувам овие воени напади во кои се нападнати воени бази на нашите стратешки партнери – САД и коалициските сили. Загрижени сме како нивни сограѓани, поради тоа што голем број нашинци работат директно на проекти за компании кои се логистика на американските воени сили во Ирак и сочувствуваме во моментов со сите. Не располагаме со официјални податоци колкав е бројот на нашите граѓани на привремена работа во Ирак. Немаме дополнителни информации за настаните што будно ги следиме. Кумановци се загрижени поради новонастанатите состојби и посакуваме што побрзо ескалациите да запрат. Како општина стоиме на располагање на сите наши сограѓани што работат во овие региони за каков било вид помош во рамките на нашите можности и надлежности – вели Димитриевски.

Во меѓувреме, земјите од регионот почнаа да ги повлекуваат своите војници од кризните подрачја во Багдад. Хрватското Министерство за одбрана повлече четиринаесет, а словенечкото – шест припадници, кои се дел од германскиот контингент.

 

Талески: Ќе станеме полноправна членка на НАТО пред изборите

 

Нападите врз воените бази на САД доаѓаат во критичен период, во кој е извесно приклучувањето на Македонија кон НАТО-алијансата. Уверување дека земјава ќе стане полноправна членка на НАТО пред предвремените парламентарни избори на 12 април, изрази советникот за надворешна политика на премиерот и кандидат за амбасадор на земјава во НАТО, Дане Талески.

Позитивна клима за затворање на ратификацијата на Вашингтонскиот договор се создаде со тоа што Шпанија доби нова влада на чело со Педро Санчез.

– Владата го утврди текстот за ратификација на Вашингтонскиот договор и тој е пратен во Собрание. Тоа значи дека и ние сме спремни за ратификација. Јас сум 100 проценти сигурен дека ратификацијата на Вашингтонскиот договор и нашето полноправно членство ќе го заврши Собранието во овој формат, пред да се распушти и ние и формално ќе станеме полноправна членка на НАТО пред да се одржат парламентарните избори – рече Талески за „Утрински брифинг“.

Коментирајќи го нападот на двете бази во Ирак во кои има американски војници, Талески рече дека Република Северна Македонија на тоа гледа со загриженост, впрочем како и останатиот дел од светот, особено зашто се работи за напад врз најважниот стратешки сојузник на земјата – САД.

Нападот врз воените бази на САД, според Талески, веројатно повлекува и вклучување на членот 5 од Вашингтонскиот договор, кој вели „еден за сите – сите за еден“, односно, доколку е нападната една земја, нападнати се сите членки.

– Тензиите помеѓу САД и Иран, како и Иран и останатиот демократски свет, поради различни причини и интереси веќе подолго време ескалираат. Ова е последниот момент да се направи пауза, да се земе здив и добро да се размисли, особено Иран, за своите опции и како ќе се постави во оваа ситуација. Особено ќе зависи од обраќањето на претседателот Трамп, кој ќе ги даде главните насоки како ќе се однесуваат САД, односно како оправдано ќе возвратат на нападот на нивната база и војници кои се таму – вели Талески.

 

Џафери:  Нема потреба да се брза со предвремена ратификација на Протоколот

Очекувам целата постапка во Македонија да заврши до 12 февруари, изјави вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери, во врска со ратификацијата на Протоколот за НАТО.

– Во овој момент нема потреба да се брза со предвремена ратификација на Предлогот за НАТО, но нема индикации дека е неопходно предвреме да се постапува – рече Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот