Фото: Skopje Film Studio

Македонскиот филм „Хомо“ победи на фестивалот „Crossing the sun“ во Англија, ова му е седма награда

Македонскиот долгометражен игран филм „Хомо“, којшто е во режија на Игор Иванов – Изи, ја доби својата седма награда, и тоа за Најдобар игран филм во официјалната програма на интернационалниот фестивал Crossing the Screen во Англија, што се одржа во периодот од 28 јануари до 3 февруари оваа година во Истбрн, Источен Сасекс.

Светската премиера „Хомо“ ја имаше на 51. ГОА ИФФ Индија, а досега е прикажан на дваесет филмски фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија, Италија, Египет, Франција, Шпанија, Австралија.

Покрај оваа, освои награди на фестивалите 7. Гбек Фестивал на Игран Филм, Канада – Награда за најдобар филм; ИндиФест Филмски награди, САД – Награда за извонредно достигнување; 54. World Fest Интернационален Филмски Фестивал Хјустон, САД – Бронзена Реми награда; Waterfront Festival Лаваса, Индија – Најдобра режија; 22. Фестивал на Европски Филм Лече, Италија – Награда од публиката и Награда од Cineuropa.

„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор.

Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и да најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов  директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, монтажа Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија). ХОМО е финансиски поддржан од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Славиша Кајевски, Мартин Манев.

ИНТЕРВЈУ со Игор Иванов: Македонската кинематографија веќе не е мала бара со многу крокодили

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот