Зошто главоболките честопати се придружени со гадење и со проблеми со стомакот?

главоболка
Фото Профимедиа

Појавата на гадење проследена со главоболка може да биде знак на настинка и грип, но и последица на стрес и анксиозност. Благата мачнина и минливата главоболка обично не се причина за аларм, но симптомите какви што се треска и вкочанетост на вратот се аларм дека се потребни подетални гастроентеролошки и невролошки прегледи.

Постојат неколку различни познати причини поради кои главоболките можат да бидат поврзани со чувството на гадење, велат невролозите.

Додека трае мигрената, погодени се и стимулирани нервните патеки кон центарот за гадење. Второ, станува збор за промена на нивото на серотонин, додека третата можна причина е зголемување на интракранијалниот притисок и директниот механички ефект врз центарот за повраќање.

Комбинацијата на главоболка и гадење е честа појава при нападите на мигрена, но и кај другите типови главоболки, како што е тензична или кластер главоболка. Околу половина од мигрените вклучуваат и интензивно чувство на гадење.

Освен тоа, постои индивидуална склоност кон гадење во текот на нападот на главоболката.

Кога тоа ќе се случи, лекарот може да препише соодветни лекови, но тие не се користат ако гадењето е благо и без повраќање. Прво се користат поблаги препарати, а ако и тоа не е доволно, тогаш се користат посилни лекови.

Комбинацијата на овие две заболувања често е симптом на сезонска настинка, депресија и напади на паника. Ако стресот е причина за оваа појава, еден од начините да се спречи е да се практикуваат методи за релаксација, физичка активност и да се пие доволно количество вода.

Спротивно на тоа, алкохолот и цигарите можат да предизвикаат појава на гадење, која може да се појави заедно со главоболката, како и да ги влоши веќе постојните проблеми. Поради тоа се препорачува нивно избегнување кај луѓето што често имаат гадење. Не треба да консумираат пијалаци со кофеин, чоколада, банани, стари сирења и месни преработени производи, кои исто така може да биде причина за главоболка.

Сепак, ако покрај главоболката и гадењето се појават и нарушувања на свеста, видот, говорот, рамнотежата, треска, вкочанетост на вратот или слабо уринирање, потребен е итен медицински преглед.

Ако гадењето се јавува често и е придружено со повраќање, треба да се направат дополнителни испитувања. Ова вклучува подетални лабораториски анализи, магнетна резонанца на мозокот, преглед од невролог и од гастроентеролог, како и евентуален преглед од кардиолог и од специјалист по оториноларингологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот