Македонија во јуни на Европскиот совет ја чека комбинација на бугарски шовинизам и европска дволичност

Фото: Прес служба на претседателот на РСМ

Тешко е да се верува дека бугарскиот претседател и техничката влада сега би прифатиле да ја одиграат улогата на “жртвени јагниња” иако можеби интимно веруваат во решението и даваат лична поддршка за него.

Има или нема шанси Македонија да добие датум за почеток на преговори или одржување на првата меѓувладина седница меѓу Скопје и Брисел е прашање на кое во изминативе недели добиваме контрадикторни одговори. Сепак од изјавите на највисоките представници на власта, почнувајќи од претседателот Пендаровски, премиерот Заев, вицепремиерот Димитров и министерот Османи може да се заклучи дека овој пат не постои силен оптимизам за позитивна одлука на европскиот совет за општи и заеднички работи.

Најпозитивната формулација која се користи од представниците на власта е „умерен оптимизам”, додека претседателот Пендаровски порача дека тој не е ниту умерен оптимист туку реалист, набројувајќи ги објективните причини зошто напредок во јуни е тежок.

Една од најочигледните причини е фактот што Бугарија нема избрана туку техничка влада, и нема функционален парламент. Единствена инстанца на власта која функционира кај источниот сосед е претседателот Радев.

И доколку бугарската страна сега би го прифатила португалскиот предлог или некоја негова модификација која би била прифатлива за Македонија, тогаш целата одговорност за тоа би се сконцентрирала кај Радев и техничката влада, што за нив секако би бил голем товар.

Настрана од очигледното што секој предлог кој би бил прифатлив за Скопје автоматски е неприфатлив за бугарската страна, бидејќи таа има изградено тврда позиција верификувана преку нивниот парламент од која не отстапува ниту милиметар. Тешко е да се верува дека бугарскиот претседател и техничката влада сега би прифатиле да ја одиграат улогата на “жртвени јагниња” иако можеби интимно веруваат во решението и даваат лична поддршка за него.

Во моментов во Бугарија Бојко Борисов и неговата ГЕРБ не се на власт но медиумите во Софија се се уште под контрола на Борисов и тие постојано го обликуваат општествениот наратив на непопустливост во однос на Скопје. Дел од бугарските експерти кои се објективни во приказната, како што е историчарот Стефан Дечев откриваат и дел од скриените мотиви на Бугарија за блокадата на Македонија и воопшто не изненадува што тие пориви се прилично примитивни во својата основа.

Имено кај официјална Софија постои фрустрација која се влече уште од Титова Југославија, и таа се базира на комплексот на пониска вредност. Бугарските политичари не можат да ја заборават доминацијата на Југославија над цела Југоисточна Европа и според нив надменоста со која Југословените ги гледале народите под руска чизма, вклучително и Бугарите. Сега едноставно Софија ги добива своите пет минути и решава да наплати за се: за историските фрустрации, за шовинистичките заблуди, за понижувањето кое го трпеле од моќниот сосед.

Едноставно Бугарија ја користи позицијата да го малтретира помалиот сосед. Затоа предлозите кои ги дава португалското претседателство за Софија не се конструктивно решение или обид за компромис меѓу двете земји, туку “трикови” со кои некој сака да ја одземе моќта на Бугарија над судбината на Македонија.

Тешко е да се поверува дека кај бугарските политичари ќе се разбуди разумот и европските вредности во последен момент, и многу е поверојатно дека ќе си останат поблиски до балканската примитивност. За илустрација доволно е да се видат дел од бугарските обвинувања и „аргументи” во однос на „анти-бугарската пропаганда” во Македонија каде официјална Софија го гради наративот врз пишувања на социјални мрежи. Тоа што некој го напишал на Фејсбук сега за Бугарија е пример за анти-бугарската пропаганда, додека десетиците официјални изјави на Каракачанов, Захариева, Ангел Димитров, Андреј Ковачев, Ангел Џамбаски или на бугарскиот амбасадор во ЕУ Димитар Цанчев во кои се дискриминира, понижува и негира македонскиот народ, јазик и култура, па понатаму се навредуваат и државите и политичарите кои застанале во одбрана на Македонија во спорот за Бугарија не се важни.

После дипломатите во американскиот Стејт департмент последна жртва на бугарскиот бес е хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој едноставно ја кажа вистината која повеќето европски лидери ја одмолчуваат, дека Бугарија ја малтретира Македонија поради своите внатрешни фрустрации. Јасно е дека дијалогот меѓу Скопје и Софија е дијалог на глуви и единственото решение кое е прифатливо за Бугарија е земјава едноставно да ја потпише бугарската верзија на историјата како своја.

Бугарите се фрустрирани и од затоплените односи меѓу Србија и Македонија, вакцинирањето на десетици илјади македонски граѓани во Србија како и десетиците илјади поклонети вакцини од Белград. Тоа за Бугарија е уште еден пример за „љубовта” на Македонците кон Србија. Но тие аргументи се толку апсурдни после блокадата на европскиот пат која ја наметна Бугарија проследена со уцена Македонците да признаат дека до 1944 биле Бугари.

Оваа шизофрена аргументација наликува на синдромот на напуштена љубовница која се користи со сите можни интриги и сплетки да го врати во своите прегратки љубовникот кој едноставно не ја сака. Но не е само Бугарија виновна за блокирањето на Македонија. Европските лидери представени преку Емануел Макрон и Ангела Меркел уште еднаш по којзнае кој пат ја докажаа вавилонската поговорка.

Слушам дека француските дипломати се нервирале што во земјава се велело дека Макрон ја излажал Македонија со Преспанскиот договор. Тогаш еве да кажеме повторно, ДА, Макрон најдиректно ги излажа македонските граѓани кога им се обрати со видео порака во која им кажа дека со излегувањето на референдумот „ќе им се отвори европскиот пат”. Ангела Меркел исто така директно ги излажа кога за истата причина дојде во Скопје и ја прати истата порака како Макрон.

Дали лидерите од Париз и Берлин сега не се моќни да го испорачаат ветеното или не сакаат не е ниту важно, важно е дека не го исполнија тоа, а се знае која карактерна особина ја имаат луѓето кои ветуваат и не исполнуваат. Треба да се нотира дека европскиот дипломатски двоец представен преку Хајко Мас и Михаел Рот се искрени подржувачи на Македонија, но тие не се дел од ЦДУ на Ангела Меркел туку на помалиот коалициски партнер СПД и затоа е нивната различност од нејзината политика.

За разлика од Европјаните Американците го исполнија својот дел со НАТО, јасно, брзо и прецизно и затоа се всушност и светски лидери во моментов додека Европската унија се намали со излегувањето на Британија и сега половина Европа живее во демократија, а половина во авторитаризам, клептократија и корупција.

После изневерувањето на земјава од Брисел имаше повици да се прекине европскиот пат, нема логика земјава да сака да стане дел од „европски вредности” кои не постојат во пракса. Но подобро е Македонија да остане на тој пат, ако ништо друго барем ќе ги подсетуваме Париз и Берлин на нивната нечиста совест во однос на малата Македонија и Преспанскиот договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот