Македонија потопена во Скопје, Грузијците ни спакуваа три гола и се одмаздија за болниот пораз во Тбилиси

Момент од првиот натпревар во Скопје меѓу Македонија и Грузија (0-3)/фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Фудбалската репрезентација на Македонија на првиот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ во новото издание на Лигата на нации го доживеа и првиот пораз, Грузија славеше со 0:3 и се зацврсти на првото место на табелата.

Избраниците на селекторот Милевски одиграа две тотално спротивни полувремиња, во првото ја контролираа играта и создаваа шанси, додека во второто по примениот прв гол целосно застанаа и му дозволија на противникот да дојде до убедлив триумф.

Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

По победата над Гибралтар (2:0) и ремито со Бугарија (1:1) во првите две кола од групата 4 во дивизијата Ц, избраниците на селекторот Благоја Милевски на првиот натпревар пред македонските фанови,с е поразени од Грузија која успеа да се одмазди за поразот од пред две години кога Македонија благодарение на голот на Горан Пандев, за прв пат обезбедивме пласман на Европско првенство.

Триумфот на Грузијците го обезбедија Зивзиадзе, Квича Кваратскелија и Китаишвли со головите на стартот од второто полувреме, во 52, 62 и 84 минута и се зацврстија на првото место на табелата со максимални девет бода од три натпревари. Селекторот Вили Сањол „ја прочита“ тактиката на Милевски, и со дефанзивен пристап во првиот дел ја зачува мрежата, за во вторите 45 минути, неговите фудбалери да заиграат офанзивно притоа постигнувајќи три гола.

Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Првото полувреме помина во подобра игра на Македонија, избраниците на селекторот Благоја Милевски има поголем посед, повеќе шутеви кон голот на Мамардашвили, додека Грузијците се одлучија позатворено да го одиграат првиот дел и својата шанса да ја бараат преку контранападите.

На стартот од вториот дел, Македонија прва се закани по шутот на Енис Барди од 30-тина метри од слободен удар, но само четири минути подоцна, во 52 минута студен туш за „црвено-жолтите“ и навивачите на трибините, Зивзиадзе по одличната акција во три потези успеа да го совлада Столе Димитриевски.

Примениот гол како да им ги врза нозете на македонските фудбалери, додека Грузијците добија ветер во грбот и продолжија да се закануваат кон голот на Димитриевски. Десет минути подоцна, Квича Кваратскелија со одличен шут од 18-тина метри го совлада Димитриевски за водство од 0:2 и ги реши дилемите околу победникот.

Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Избраниците на Милевски, не успеаја да се соземат од новиот шок и во финишот доживеаја уште еден откако Китаишвили го постави конечниот резултат.

Јунскиот циклус во Лигата на нации, Македонија ќе го заврши в недела во Скопје кога ќе игра против селекцијата на Гибралтар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот