Македонија ќе почека на победа во Исланд, фудбалерите во финишот ја испуштија победата

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Исланд заврши без победник/ фото: ФФМ

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра 2:2 во Рејкјавик против Исланд иако ја имаше победата во своите раце.
Фудбалерите имаа водство од 0:2 се до последните 12 минути од натпреварот, но потоа примија два гола и останаа без победата и трите бодови.

Ова значи дека „рисовите“ ќе чекаат друга шанса за да се радуваат на првата победа во Рејкјавик, претходно на двата натпревари имаат пораз и реми. Во 1996 година фудбалерите одиграа 1:1, додека во 2008 година Исланд славеше со 1:0.
Исто така и новиот селектор Благоја Милевски ќе почека да се израдува на првата победа, се надеваме дека тоа ќе биде веќе за три дена во Скопје против Романија.

Македонија поведе со голот на Дарко Велковски/ фото: ФФМ/Петр Стојановски

„Рисовите“ одлично го започнаа натпреварот во Рејкјавик,веќе во 11 минута со голот на Дарко Велковски, Македонија поведе до 0:1. Дефанзивецот најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и со удар со глава го совлада голманот Рунарсон.

Избраниците на Милевски беа подобар тим во остатокот од првиот дел, ја имаа контролата на топката создаваа шанси, но не успеаја по втор пат да го совладаа Рунарсон. Најдобрата шанса ја имаше Енис Барди кој во првата минута од судиското продолжение доби одлична топка и шутираше, но неговиот удат го запре одбраната на Исланѓаните.

Тоа што го пропуштија во првото полувреме, фудбалерите го реализираа во второто полувреме и тоа преку Езгјан Алиоски за водство од 0:2
Исланѓаните заиграа поофанзивно, Арнасон постигна гол во 64 минута но му беше поништен поради офсајд.

На 12 минути до крајот фудбалерите имаа два гола предност, но на крајот не победија/ фото. ФФМ/Петр Стојановски

Сепак, во 78 минута, Брунјар Инги  Бјарнасон го совлада Столе Димитриевски, а голот беше потврден и од ВАР собата.
Само неколку минути подоцна Александар Трајковски помина двајца дефанзивци на Исланд, се ослободи на работ од шеснаесетникот и шутираше силно но ја погоди левата статива.
На шест минути до крајот Андри Гудјонсен ја искористи заспаноста на нашата одбрана и го израмни резултатот.

Македонија и во третиот натпревар против Исланд во Рејкјавик не успеа да победи/ фото: ФФМ

Во судиското продолжение, среќета беше на страната на Исланд бидејќи во четвртата и петтата минута од судиското продолжение, Бјарнасон од самата гол линија го запре шутот со глава на Чурлинов, додека веднаш потоа шутот на Јаховиќ заврши покрај дирекот.

ИСЛАНД – МАКЕДОНИЈА 2:2 (0:1)

Стадион „Лаугардасволур“ во Рејкјавик. Стрелци: Бјарнасон 78′, Гудјонсен 84′ (И) – Велковски 12′, Алиоски 54′ (М). Ж. картони: Гудмандсон (И) – С. Ристовски, Јаховиќ (М).

ИСЛАНД: Рунарсон, Севарсон, Арнарсон, Бјарнсон, Торарисон (66′ Скуласон), Балдусорн (60′ Хелгасон), Б. Бјарнсон, Јоханесон, Андерсон (60′ Торстенстон), Кјартансон (60′ Сигурдсон), Гудмандсон
Селектор: Арнар Видарсон

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски (90’+1 Ристевски), Муслиу, Алиоски, Барди (71′ Трајковски), Спировски, Елмас, Костадинов (80′ Јаховиќ), Чурлинов, М. Ристовски (80′ Аврамовски)
Селектор: Благоја Милевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот