Македонија чека од Европа европско однесување

Фото: МИА

Проблемот со Бугарија е нерационален и мора да се најде решение со европски начин на размислување, без да се уништи достоинството на ниедна од двете страни. „ЕУ не ни треба по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што тогаш ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот“, рече премиерот Заев.

Без политичка влада во Бугарија, Македонија според сите проценки ќе ја испушти шансата во јуни да ги почне преговорите за членство во ЕУ затоа што техничката или преодната влада што ќе се формира до предвремените избори на 11 јули нема мандат да донесе политичка одлука и да ја отстрани блокадата од минатиот декември за преговарачката рамка за нашата земја. Но, и покрај малите шанси, македонскиот државен врв држи умерена доза на оптимизам дека и на јунските самити во Унијата може да биде упатена поканата до Македонија да ја одржи првата меѓувладина конференција со која официјално ќе ги почне преговорите, а премиерот Зоран Заев ја повика ЕУ да ги докаже своите вредности.

 

Заев се надева на одговорни бугарски политичари

 

Премиерот Заев и вчера изјави дека очекува во техничката влада на Бугарија да се најдат одговорни политичари со кои ќе продолжат разговорите за да се најде решение.

– Според мене, државите разговараат. Прво, постои претседател во Бугарија, постои претседател во С Македонија. Веројатно владата работи со фул мандат и во Бугарија како што работи и нашата влада. Се работи за делот што се разговара на европско ниво и делот на билатерално ниво. Ако не сме до крај подготвени политички од страна на Бугарија за билатерално ниво, можеме билатералните разговори да продолжат некаде кога ќе има политичка влада. Но, европскиот дел можеме и сега да го решиме – рече Заев.

Во врска со тоа дали Македонија и Албанија треба да одат заедно на патот кон ЕУ, Заев рече дека сака Албанија како наш сосед да оди заедно со нас и да се движиме заедно.

Завчера премиерот порача дека проблемот со Бугарија е нерационален и дека мора да се најде решение со европски начин на размислување, без да се уништи достоинството на ниедна од двете страни и  повтори дека „ЕУ не ни треба по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што тогаш ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот“.

 

Нѐ очекува долго лето без напредок

 

 

Американската амбасадорка Кејт Брнз вчера оцени дека Македонија постигнала евидентен напредок, но тој мора да се одржува.

– Периодот што следува ќе биде од пресудно значење на иднината на Северна Македонија како просперитетен сојузник кој придонесува за стабилноста во регионот. По попишувањето на историскиот Преспански договор во 2018 година, како и влезот во НАТО и зеленото светло за пристапни преговори со ЕУ во 2020 година, Северна Македонија оствари евидентен чекор напред. Но, овој чекор мора да се одржува и шансата мора да се искористи дури и во времиња полни предизвици. Знаеме дека во иднина може да има предизвици, какви што се корупцијата, непотизмот, дури и нефункционални институции со што се попречува патот на Северна Македонија кон зацртаните цели – рече вчера Брнз.

Таа додаде дека лидерите мора да се соочат со честите неусогласености меѓу високите очекувања кај јавноста за членство во ЕУ и реалната тежина на реформите што треба да се спроведат како предуслов за влез.

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, нема особена можност за пробив во јуни, не толку поради техничката влада, туку затоа што не е постигнато најважното, односно не е пронајден рационален пристап со кој двете земји ќе ги решат проблемите.

– Не е толку важно која земја во моментот претседава со ЕУ, колку што е важно Скопје и Софија да најдат начин за рационално решение, ако е можно да најдат. Во тој случај, поканата за преговори ќе биде упатена од кој било самит, како што впрочем и одлуката да ги почнеме преговорите лани во март беше донесена во услови на пандемија. Далеку сме од оптимална ситуација – вели Кацарска за „Слободен печат“.

По португалското претседателство со ЕУ следува словенечкото, но според Кацарска блискоста на Словенија со Македонија не е гаранција дека на земјата приоритет е ќе ѝ биде проширувањето, особено по нон-пејперот за нови граници на Балканот. Следната година со ЕУ прво ќе претседава Франција, на која приоритет ѝ се реформите во ЕУ, а е потоа е пријателска Чешка.

 

Левица бара да се протера бугарскиот амбасадор

 

Партијата Левица бара Македонија да го протера бугарскиот амбасадор доколку источниот сосед не се извини што за македонскиот револуционер Гоце Делчев напиша дека е бугарски револуционер.

– На денот од погибието на еден од најславните херои од историјата на македонската борба за национална слобода, револуционерот Гоце Делчев, бугарската амбасада во Скопје, на социјалните мрежи се пофали дека положила цвеќе на неговиот гроб, со наратив дека е „бугарски револуционер“. Овој „дипломатски чин“, задирајќи ги националните чувства на македонскиот народ, предизвика лавина негативни реакции во јавноста и дополнително ги нарушува и онака веќе разнишаните дипломатски односи со Софија. „Македонскиот народ очекува реакција од македонските власти поради овој провокаторски скандал во насока на барање на извинување за ваквата провокација, која дополнително ја продлабочува кризата во меѓусоседските односи. Доколку не се случи извинување од бугарска страна, сосема би било оправдано амбасадорот на Република Бугарија да биде прогласен за „персона нон грата“ и протеран од Македонија – соопшти Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот