Македонците во Бугарија бараат Софија да престане со негирање и асимилација

Зоран Заев и Румен Радев/ Фото: МИА

Македонците во Бугарија донесоа Декларација со која ја осудуваат, како што се наведува, политиката на негирање, дискриминација и асимилација што официјално се води против Македонците во Бугарија. Во документот, потпишан од сите македонски организации во Бугарија, тие ја осудуваат и политиката на Бугарија кон Македонија и ја повикуваат Европската Унија да не дозволува злоупотреба на ветото.

„Ја осудуваме континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија. Ја осудуваме политиката водена од Р. Бугарија против Р. Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија. Никој нема право да бара слично нешто од никого на овој свет. Убедени сме дека овие барања нема да успеат, но породуваат и ќе продолжат да породуваат сосема непотребна омраза. Ја осудуваме кампањата на насадување на омраза против Македонците водена во повеќето медиуми во Бугарија. Го осудуваме начинот на кој беше спроведен последниот попис во Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност. Ја осудуваме пасивноста на македонските влади во последните три децении, кои наспроти својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства надвор од Македонија, никогаш го немаат поставено пред Бугарија прашањето за негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство“, се наведува во Декларацијата.

Македонските здруженија ја повикуваат ЕУ да не дозволи членството во Унијата и правото на вето да бидат злоупотребени за наметнување на националистички политики на земјите кандидати. Исто така, ја повикуваат да превземе активни мерки „за ставање крај на последната, наследена од комунизмот, тоталитарна политика во Европската Унија – политиката на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство во Бугарија.“

Здруженијата ја повикуваат Бугарија да ја запре политиката на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права предвидени со меѓународните стандарди за малцинствата. Исто така, да го промени Уставот така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Од Бугарија бараат и да запре да ја уценува Македонија, да ја деблокира нејзината евроинтеграција и да ги повлече сите барања, кои не претставуваат дел од Копенхагенските критериуми.

„Ја повикуваме Р. Македонија да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија и да започне да полага грижи за македонските малцинства надвор од Македонија. Двете држави да ги постават македонското малцинство во Бугарија и бугарското во Македонија во своите Устави и да  ги гарантираат нивните права во согласност со меѓународните стандарди и на рамноправна основа“, бараат Македонците во Бугарија.

Тие упатија повик и до организациите на Бугарите во Македонија:

„Во духот на повикот на г-ѓа фон дер Лајен упатен пред денови за изградување на мостови меѓу народите на Балканот, нека како прв таков мост, заедно, двете малцинства од двете страни на границата, да ги повикаме Бугарија и Македонија да ги приведат правата на двете малцинства кон меѓународно гарантираните стандарди, при заемно почитување и реципрочност. Да ги поставиме заедно прашањата за правата на нашите две малцинства пред соодветните држави“.

Организациите наведуваат дека се собрале за да ја одбележат 143-годишнината од македонското- кресненското востание, а на собирот изразиле загриженост од ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија и односите меѓу Бугарија и Македонија, заради што ја донеле декларацијата, на која се потпишани: ОМО „Илинден“ – ПИРИН, ОМО „Илинден“, Друштво на античките Македонци, Друштво на репресираните Македонци в Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Друштво за заштита на основни индивидуални граѓански права, Македонски клуб за етничка толерантност в Р. Бугарија и Граѓанската иницијатива за признавање на македонското национално малцинство в Бугарија и заштита правата на граѓаните на Бугарија со македонска самосвест „Народна волја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот