Маја Поповска, спасителка на хендикепирани животни: Кој ќе спаси само едно маченце, си ја спасил целата душа    

Ги наоѓа на улиците, слепи, глуви, без една или две нозе, беспомошни, преплашени, без шанси за живот, а потоа ги зема дома, ги негува и лекува, им ја менува судбината, им испишува среќен крај, најчесто ги испраќа во странство каде што се еднаков член на семјеството, опсипани со љубов.   

Активистката Маја Поповска цели 12 години се занимава со спасување, лекување и вдомување на улични мачки, од 2014 година го раководи нејзиното здружение „Енџелкетс санктуари“ (Angelcats Sanctuary) со седиште во сопствениот дом, каде што секојдневно престојуваат меѓу дваесет и триесет мачки, а понекогаш, на одредено време и по некое куче. До пред пет години целата активност ја финансирала од сопствени средства, а потоа се поврзала со поддржувачка од Холандија. Интересно е што хуманиот фокус на Маја е насочен токму кон мачките со телесен хендикеп или како што вели, на оние на кои најмногу им е потребна помош.

– Секојдневно се соочувам со повреди од различен вид, претежно нанесени, за жал, од човек. Но и со болести поради животот без храна, вода, живот во постојан страв и потрага по храна по овие наши сурови улици – ни објасни Маја.

За разлика од нас, странците се особено емпатични кон милениците воопшто, а особено кон оние со посебни потреби. Во цивилизираниот свет милениците имаат исти права како и секој човек, член на семејството. Фото Виктор Поповски

Како изгледа нејзината мисија? Мачките со хендикеп ги спасува од улица, ги лекува и негува во домашни услови, ги носи на ветеринар, а кога лекувањето ќе заврши – тоа знае да потрае и подолго време – миленичињата ги понудува за вдомување. Нагласува дека ветеринарите кај нас се добри, дека се подготвени да ја дадат потребната помош, но и тоа дека некогаш едноставно животинчето не може да преживее, колку и таа и ветеринарот да се трудат.

Се разбира, финансиски средства се многу потребни и речиси никогаш не се доволно. Има и донатори, но тоа се секогаш оние луѓе кои се и самите активисти.

– Во Македонија луѓето кои не се активисти не се ни свесни дека живееме со овие животни заедно, во иста средина, не се свесни дека тоа се живи суштества што имаат потреби, стравови, чувства…, а можам да кажам и дека мнозинството воопшто не ги ни забележува – вели Маја, потсетувајќи нè на една реченица од Махатма Ганди – „Големината на една нација и нејзиниот морален раст може да се процени според начинот на кој таа ги третира животните. Да се трудиш да го намалиш страдањето на оние кои се комплетно под наша доминација и кои се  неспособни да се одбранат, е навистина знак на цивилизирано општество.“ Ни објаснува дека оваа мисла од Ганди во нашето општество, според нејзиното искуство, се смета за нешто чудно и ненормално и дека мнозинството Македонци воопшто не се заинтересирани за помош на беспомошните животни, а уште помалку за вдомување на животно со телесен хендикеп.

Секојдневно се соочувам со повреди од различен вид, претежно нанесени, за жал, од човек. Но и со болести поради животот без храна, вода, живот во постојан страв и потрага по храна по овие наши сурови улици.

Ни опишува како изгледа еден разговор меѓу активист и потенцијален македонски вдомувач на милениче:

– Имам мало дете, сакам да му земам маче да си поигра со него, ама сакам мачето да биде бело, пуфкасто, да има сини очи и да биде машко.

Следува објаснувањето на активистот дека мачето е, на пример, мало, дека му треба грижа, дека тоа не е играчка за ничие дете, дека е живо суштество на кое му треба љубов, редовна ветеринарна грижа, редовна и добра исхрана, соодветен дом, заграден двор, одговорно чување, вакцинација, чипирање, стерилизација…

Процедурите околу подготовката за нивното патување во странство се сложени, но знаеме дека животното ќе оди во сигурен дом каде што ќе живее во љубов.

И претпоставувате веќе што следува понатаму. Потенцијалниот купувач останува разочаран што ќе остане без привремената играчка, па јасно и луто соопштува: „Нема да земам маче од тебе, ќе си земам маче од некој друг!“.

– Сега сами заклучете како оди вдомувањето на здрави миленици тука, во Македонија, и воедно замислете како би одело вдомување на миленик со посебни потреби, на маче кое има три нозе, или кое е слепо, глуво, со церебрална хипоплазија, миленик во пелени… – додава Маја.

За среќа, приказната за вдомување на хендикепираните миленичиња не завршува тука. Овие животинчиња својот среќен крај најчесто го наоѓаат во странство. Интерес за вдомувања на хендикепирани животни од Македонија има речиси во сите европски земји, особено во Холандија, Белгија, Германија, Велика Британија и Италија.

– За разлика од нас, странците се особено емпатични кон милениците воопшто, а особено кон оние со посебни потреби. Во цивилизираниот свет милениците имаат исти права како и секој човек, член на семејството. Постојат многу групи за помош, промоција и наоѓање дом токму на животни со посебни потреби. Затоа многу посигурно ни е да ги вдомуваме во странство. Ова чини многу, процедурите околу подготовката за нивното патување се сложени, но знаеме дека животното ќе оди во сигурен дом каде што ќе живее во љубов со своето идно семејство, како нивен рамноправен член – поентира нашата хуманистка.

Но, оној кој ќе спаси само едно ситно маченце и го внесе во заветрина, тој ја спасил целата душа своја. (Иво Андриќ, „Екс понто“)

Во текот на сите овие години Маја Поповска работи и на стерилизација на уличните мачки. Во последните две години оваа акција зела многу поголем замав, заедно со актвистите и поединци што сакаат да учествуваат во акцијата, успеале да стерилизираат меѓу дваесет и четириесет мачки месечно. Заради докажаната доверба пред донаторите, сега се собрале средства за повеќе од двесте стерилизации, кои Маја се обидува да ги организира и да ги оствари колку што е можно побрзо, уште во текот на овој месец. Според неа, стерилизацијата на бездомните мачки и кучиња е приоритет и тоа е начинот на кој во перспектива може да се намали нивната популација. Соништата на Маја кои често будно ги сонува се да не постојат повеќе бездомни животни на нашиве улици, исто како што е и во европските земји.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот