Маестралните портрети на скулпторот Илија Аџиевски се изложени во Даут Пашин амам

Македонскиот скулптор Илија Аџиевски со своите 96 години беше присутен на отворањето на својата изложба „Портретот во фокус“, која од 27 октомври е поставена во објектот Даут Пашин амам при Националната галерија. На изложбата е претставено неговото богато портретно творештво.

За тематскиот концепт на изложбата на отворањето зборуваа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, кураторот Ана Франговска, виш кустос во галеријата, и д-р Јелена Лужина, театролог и поранешен професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје.

– Творештвото на Аџиевски може да се проследи низ неколку техники, медиуми и дисциплински пристапи, но во секоја форма тој останува доследен на фигурацијата, имaат здржана асоцијативност и симболизам. Три главни одредници се следат во неговиот скулпторски опус, и тоа: јавни споменици, фигурини и портрети. И покрај постигнувањата и јавната потврда за неговиот придонес кон споменичната уметност, скулпторскиот жанр кој најмногу му прилега, со кој го постигнува врвот во својот уметнички развој и најголемите достигнувања како индивидуален уметник, е полето на портретната уметност.

Еден персонален момент како директор на Националната галерија и како ликовен уметник: мојата мисија е потрагата по вистинските вредности запишани во историјата на културата на нашата земја. Подготовката на оваа изложба побуди посебни емоции од многу причини, но она што навистина ме допре е првата средба со авторот. Влегувајќи во ателјето на Илија Аџиевски, емотивно ме пренесе на моите авторски почетоци, да се потсетам на фотографиите на Роденовото ателје, што врз мене остави несомнено влијание и како фасцинација и како пластичен израз.

Ме занеме енергијата која сведочи за патот на уметникот, низ годините, кој не секогаш бил лесен. Запишана во просторот, преку неговите скулптури каде се препознава моќта на уметноста, во најтешките моменти, кога искрено, со многу труд и работа ќе се вложиме и создадеме дела кои ќе зборуваат за нас и во иднина. Оригинална и силна репрезентативност. Можам да кажам дека искуството во ателјето е ретка можност, бидејќи не секој погледнува низ отворениот прозорец на интимата на уметникот. Му благодариме на Аџиевски за можноста преку оваа изложба да бидеме дел од неговиот процес на работење, да ги сподели миговите на создавање, инспирација и истрајност – изјави директорката д-р Дита Старова Ќерими на отворањето на изложбата.

д-р Дита Старова Ќерими, скулпторот Илија Аџиевски и кураторот Ана Франговска / Фотографија: Маја Аргакијева

Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбирал само добра занаетска подготвеност и фотографско, односно реалистичко празно пренесување, туку значел умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост, итн. Во тој контекст, и пристапот на Илија Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност, туку неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста која ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност.

Оттука и најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели.

Изложбата е поставена во Даут Пашин амам во Скопје / Фотографија: Маја Аргакијева

– Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги „ослободи од заробеништво“ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет – заклучува во својот текст во каталогот Ана Франговска, кураторка на изложбата.

Илија Аџиевски е роден во Струга на 22.12.1926 година. Основно училиште завршил во Струга во 1938. Образованието го продолжил во Дебар во Економското училиште. Во 1942 година се вклучил во младинското движење за отпор против фашизмот. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност.

Фотографија: Маја Аргакијева

Во 1949 година се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, во 1954 година. Неговите студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и Египет.

По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на ДЛУМ. Во својот работен век има создадено голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Живее и твори во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот