Лушпа од банана

Марин Гавриловски

Дали лушпата од банана е веќе цврсто нагазена од Ковачевски и неговото лизгање е неминовно или, пак, сè уште има надеж дека ногата може да биде подигната на време и рачната сопирачка крената во последен момент, ќе видиме скоро.

Политичарите што успеваат подолг временски период да се задржат на власт, како на пример, Виктор Орбан или Александар Вучиќ, кога наутро се гледаат во огледало и си велат леле колку сум убав и паметен, си го поставуваат прашањето: „Што треба денес да направам за да си ја зацврстам својата позиција и што е можно подолго да останам на власт?“ За тоа време нивните советници со утринското кафе им ги сервираат последните испитувања на јавното мнение во кои се гледа во која насока се движат размислувањата на граѓаните. Следејќи ги резултатите од анкетите, потоа тие го прават и го зборуваат она што на граѓаните им треба и она што тие сакаат да го слушнат. И така, два, три, па и повеќе изборни циклуси.
За тоа време, на другиот крај од Балканот, претседателот на македонската Влада се чуди од каде што се жолтите траги од јајца на лажниот Грујов мермер со кој е обложена зградата на Илинденска бб. Тие секако се резултат на слабата аналитика и пи-ар, но и слабите безбедносни информации со кои располагаат нашите државни институции.

Не знам што му ветил Ковачевски на Макрон при нивната средба на Самитот ЕУ-Западен Балкан кој неодамна се одржа во Брисел, но она што сега се случува е опасна дестабилизација на државата и на институциите, предизвикана не само од францускиот предлог за дигање на бугарското вето и, какво-такво, отпочнување на преговорите за полноправно членство на Македонија во Унијата, туку и од сили внатре во државава, платени со најпопуларната валута деновиве, рубљата.

Но, како една наизглед безопасна лушпа од банана, олицетворена во таканаречениот модифициран француски предлог може да ја сопне не само Владата, туку и целата држава?
Првиот пропуст е направен кога козметичките и несуштински измени на францускиот предлог владиниот пи-ар пред јавноста ги претстави како нов предлог. Уште печатарската боја не беше исушена од насловите на дневните весници во кои се пишуваше за „новиот“ предлог, а од Софија, лично, француската амбасадорка, а потоа и министерката за надворешни работи во заминување, изјавија дека не станува збор за нов предлог и дека тоа е истиот оној предлог што е усвоен од бугарскиот парламент. И, навистина, самата споредба на двата сета документи укажува на тоа дека станува збор за еден ист документ само малку козметички модифициран. За оние малку поупатените, тоа беше првиот сигнал дека работите нема да одат на добро, особено ако се има предвид фактот дека ова помалку потсетуваше на времињата на виртуелна реалност во кои живеевме до пред пет години за време на владеењето на големиот манипулатор Груевски.

Голем број независни интелектуалци, аналитичари и дипломати, кои никогаш не биле блиски до која било од двете владејачки партии на македонската независност, излегоа со свои мислења и анализи, карактеризирајќи го францускиот предлог за отпочнување на преговорите како лош и неприфатлив за нашата страна и опасен преседан за самата Унија. Ова мнение беше прифатено од мнозинството партиски неангажирани граѓани. За неупатените, тоа се оние граѓани што своето мислење го оформуваат во својата глава, без притоа да се водат од партиските директиви и кои за време на изборите се одлучувачки фактор за тоа кон кого ќе натежне јазичето од вагата и која партија ќе го добие легитимитетот за формирање на нова влада. Немањето слух за мислењето на мнозинството граѓани е вториот пропуст на власта.

Лошата процена на тоа дека сите владини коалициони партнери безрезервно ќе го прифатат францускиот предлог е третиот пропуст на службата за аналитика на Владата. Доколку премиерот беше запознаен со тоа дека помалите коалициски партнери ќе го условат прифаќањето на предлогот, а без нив нема парламентарно мнозинство, тој, од чисти ПР-побуди ќе можеше пред јавноста нивните сугестии и предлози да ги претстави како предлози на владејачкото мнозинство и со тоа да ги амортизира, ако не и целосно да го потисне незадоволството на граѓаните и интелигенцијата и да ги сврти во своја корист. Вака излегува дека Морачанин, Трајанов и Милевски се единствените чувари на националниот интерес во владината коалиција.

Да го направеше ова навреме, Ковачевски ќе им ја затвореше и устата на, природно, најголемите критичари на власта, без оглед на тоа каква политика таа води, а тоа е опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, засилена со екстремната десница, која само кај нас може да се нарече Левица. Во тој случај протестите ќе изгубеа во интензитет, а службениците во Руската амбасада ќе мораа да пишуваат дебели извештаи за тоа зошто одредени структури не успеале да ја ескалираат ситуацијата и да наведат кому колку рубљи му биле исплатени, зашто кога-тогаш ќе дојде време да се види дали тие се добро заработени или треба да се враќаат. За жал, Владата истрајува во намерата да го прифати модифицираниот, а сепак лош за Македонија, француски предлог, па со тоа само им додава ветар во грбот на повторно факторизираните ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои покрај нивната агенда за враќање на власт, со воведувањето на насилство на протестите, туркаат и некои други агенди, крајно неповолни за нас.

Во првите месеци на своето владеење Ковачевски оставаше впечаток на рационален и бистар политичар, водејќи ја Владата ненаметливо и менаџерски. Последниот предизвик што дојде од францускиот претседател Макрон, како да ја разниша неговата стабилност. Дали лушпата од банана е веќе цврсто нагазена од Ковачевски и неговото лизгање е неминовно или, пак, сè уште има надеж дека ногата може да биде подигната на време и рачната сопирачка крената во последен момент ќе видиме скоро. Во секој случај, ова е вистинското огнено крштевање на младиот македонскиот премиер по кое тој или ќе си ја зацврсти својата позиција и ќе си обезбеди подолготрајно присуство на македонската политичка сцена или ќе ја доживее судбината на својот претходник, кој повлекувајќи се од политиката за малку со себе ќе ја повлечеше и целата држава. Верувам дека Ковачевски на крајот ќе донесе рационална одлука. За тоа не треба многу да размислува, доволно е само кога ќе го пие утринското кафе убаво да ги види извештаите за мислењето на мнозинството граѓани, а за Макрон не треба многу да се секира, тој и онака сè работи само за своја корист не мислејќи на тоа дека може на друг да му нанесе штета. Доволно е само да му се јави на својот поранешен колега Петков и да се увери во тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот