Љубица Пендароска, експерт за сајбер-безбедност: Не правете го на Интернет она што не би го направиле во надворешниот свет

Секој од нас, во голема мера, е индивидуално одговорен за својата безбедност на Интернет, па затоа потребно е да изградиме однос на почитување, дигнитет кон својата личност, кон приватноста и личните податоци, објаснува Пендароска во интервјуто за „Женски печат“/„Слободен печат“.

Љубица Пендароска е претседател на Националното поглавје на ЕУ иницијативата ЖенитеЗаСајбер (Women4Cyber), експертка по приватност и заштита на лични податоци, со повеќегодишно меѓународно искуство. Една е од 50-те најуспешни жени за сајбер-безбедност во Европа. Пасиониран вљубеник е во природата. Вели дека е инспирирана да инспирира, а секојдневно се прашува дали денешното „јас“ ќе биде доволна инспирација за утрешното „јас“.

На социјалните мрежи сме безбедни онолку колку што сме индивидуално свесни за придобивките, но и за потенцијалните опасности и штети што нè демнат кога го живееме виртуелниот свет. Вашата фотографија или коментар на социјална мрежа инстантно стануваат достапни за милиони ширум светот. И имајте на ум, остануваат таму некаде во „облаците“ уште долго.

 Како се станува експерт по сајбер-безбедност, зошто се одлучивте за оваа професија?

– Пред повеќе од една декада свесно и полетно се нурнав во водите на приватноста и заштитата на лични податоци. Велам свесно, бидејќи стремежот за уважување на човековите права отсекогаш бил во мене, тлеел, и само наоѓал изразна форма и начин да се реализира. Ми требаа години за самата себеси да се доживувам како „играч“ во сајбер-безбедноста. И јас ја имав стандардната слика за луѓето во оваа сфера: момче со часови седи пред неколку монитори, задлабочен во некоја апликација – прототип на „гик“ („geek“) (се смее, н.з). Но, преку работата осознав дека сајбер-безбедноста е слоевита, мултидимензионална сфера. Со неа може да се занимавате од технички, информатички аспект, но и од правен, социолошки, од аспект на креирање политики, приватност и заштита на податоци. Вклучува широка лепеза вештини и знаење. Мошне е динамична, и поради нејзината врзаност за напредокот во онлајн-средината, ве поттикнува, ве тера секојдневно да растете. Во оваа сфера не постојат физички граници, прилично е унифицирана и флексибилна, што ве прави мобилни, може да работите каде било и од каде било. Примамливо, зар не? Паралелно, мора постојано да стекнувате нови вештини преку неформални образовни алатки, а тоа бара перманентно вложување на време, труд и пари. За да станете експерт, со јазикот на Формула 1, онаму каде што другите стискаат на кочница, вие додавате гас (се смее, н.з).

Една сте од 50-те најуспешни жени за сајбер-безбедност во Европа. Што за вас значи ова вреднување и колку жените се присутни во оваа професија?

– Вреднувањето ми значи исклучително многу, бидејќи е потврда на сите мои вложувања и „инаетења“ со себеси, дека не само што нема да се откажам, туку мудро и промислено ќе делувам напред. Признанието добива на цена кога Европа ви било полето за натпревар, а притоа, доаѓајќи од мала земја во развој, без државна институција зад себе, некој ја следел твојата работа, е тоа е нешто! Признанието дојде по еден, еве ќе бидам нескромна, мој брилијантен настап во Европската комисија, каде што на нивна покана, бев меѓу главните говорници. Ова признание е своевидна историја, бидејќи во 2019 година, кога јас бев меѓу наградените, стартуваа овие награди. И тогаш, но и во сите мои настапи, се водам и ја споделувам мојата водилка: инспирирај и допушти си да бидеш испириран/а. Во тоа ја гледам најголемата вредност на ова признание, се надевам дека ќе биде доволна испирација и мотивација за девојките и жените да тргнат по патеките на сајбер-безбедноста. А бројките, застапеноста е незадоволителна, но не само во однос на вкупното учество на жените во професиите во сајбер-безбедноста, туку и на нивната позиционираност,  раководни високи позиции.

Колку сме безбедни користејќи ги социјалните мрежи? Што според вас никако не треба да се „постира“?

– Наједноставен одговор би бил: онолку колку што сме индивидуално свесни за придобивките, но и за потенцијалните опасности и штети што нѐ „демнат“ кога го живееме виртуелниот свет. Ако за да стигнете до некоја европска земја ви се потребни неколку часа лет, вашата фотографија или коментар на социјална мрежа потенцијално, инстантно стануваат достапни за милиони ширум светот. И имајте на ум, остануваат таму негде во „облаците“ уште долго, долго. Таков однос препорачувам да се негува кон социјалните мрежи. Поставете си ги самите етичките нишани, водени од личната проценка колку и како сакате да бидете перцепирани, водејќи и грижа за другите. Па во тие рамки, вие одлучете што никако нема да постирате!

Актуелен е случајот со Јавна соба, со злоупотреба на фотографии од млади девојчиња. Како гледате вие на овој случај и каква според вас разрешница би требало да добие?

– Случајот и реакцијата кон него е своевидно огледало на повеќе нивоа, за општеството во кое живееме. Постоењето на таква група, со голем број членови, укажува дека моралните скрупули ни се фрапантно разнишани, во најблага форма речено. Од аспект на приватноста, постојат сериозни нарушувања, ако се има предвид дека преземањето и користењето туѓи слики и видеа, без знаење и експлицитна дозвола од сопственикот е само по себе повреда на приватноста. На тоа се надоврзува целта поради која се преземени и искористени сликите и контекстот во кој се ставени, па штетите можат да бидат непроценливо големи, имајќи го предвид недоличниот или дури и порнографски контекст. Кога на тоа ќе се додадат коментарите што се основа за педофилија, и застрашувачките вирални димензии и штети што ги предизвикува. Но, во исто време, реакцијата на свесните и прогресивни граѓани ја отсликува и онаа светла страна на човештвото, дека силата на промените е во решителна систематска борба против сите форми на повреди на човековите права. Во однос на разрешницата, институциите се клучни, тие мора да реагираат веднаш, во правец на спречување на понатамошно ширење на споделувањата и строго казнување на сите сторители на казниви дела. Тоа испраќа моќна порака! Но, на долг рок, потребно ни е превентивно делување по два паралелни канали: активности за подигнување на јавната свест за приватноста и начини за нејзина заштита и одлучна и навремена акција преку казнување на секој конкретен чин на повреда на приватноста.

Во однос на разрешницата на случајот „Јавна соба“ институциите се клучни, тие мора да реагираат веднаш во правец на спречување на понатамошно ширење на споделувањата и строго казнување на сите сторители на казниви дела. Тоа испраќа моќна порака!

Како поминуваат, според вашето искуство, ваквите родово базирани вознемирувања на Интернет во светот?

– Сакам да верувам дека светот генерално станал повеќе родово освестен и сензибилен или дека барем се труди секојдневно да биде „подобрата верзија од себе“. Тоа се отсликува и во интернет-просторот, па во таа смисла, одредени форми на вознемирувања го добиваат својот родов префикс и соодветен третман и реакција. Особено ме радува што меѓународните институции и креатори на политики како влијателни фактори реагираат на родово базираните онлајн-вознемирувања. Но и светот на индустријата, во чии раце се парите и самите социјални платформи и апликации. Нивната улога во пресретнување, откривање и спречување на понатамошни повреди, пријавување до надлежни институции за казнување е од огромна помош и значење. И секако, идеално ќе биде кога ќе зборуваме за родово неутрален сајбер простор, но за да стигнеме дотаму, неопходно е да создадеме родово еднаков свет, нели?

Што би им препорачале на младите девојки во однос на нивната безбедност на Интернет?

– Одговорот делумно го начнав кога зборував за индивидуалната свесност за придобивките и потенцијалните закани и штети што нѐ „демнат“ кога го живееме виртуелниот свет. Едноставно, воздржете се од правење на Интернет на она што инаку не би го направиле во надворешниот, условно кажано „офлајн-свет“. Мудрите одлуки денес се своевиден кредит за утре. Истражете и научете повеќе за подесувањата за приватност на секоја социјална мрежа што ја користите, сите тие имаат индивидуални специфики. Истовремено, јас се водам од таа премиса, дека секој од нас, во голема мера, е индивидуално одговорен за својата безбедност на Интернет, па затоа потребно е да изградиме однос на почитување, дигнитет кон својата личност, приватност и личните податоци. Секако, тоа не гарантира дека нема да бидете мета на злоупотреби, но ќе ја намали можноста. Реагирајте трезвено и веднаш кога ќе ви се случи повреда, така придонесувате кон личната, но и колективната безбедност.

Колку во Македонија е безбедно пазарењето преку Интернет? На што најмногу треба да обрнеме внимание?

– Генерално гледано, сметам дека постои задоволително ниво на безбедност, и во законодавна и во смисла на функционирањето на системите. Одговорот е повеќеслоен, и всушност, обединува голем дел од одговорите на претходните прашања. Како надополнување, потребна е поголема едукација за безбедносните практични аспекти на онлајн-пазарувањето, и токму преку едноставни, лесни за разбирање и за користење алатки, да им се доближи на граѓаните. Позитивна новина е воведувањето на т.н беџ за верификуван е-трговец, што ќе придонесе да се прави разлика помеѓу регистрирани и нерегистрирани е-трговци, своевидна гаранција за безбедност во е-пазарењето. Потребно е континуирано да се развива т.н безбедносна култура кај граѓаните корисници, што ќе придонесе кон безбедноста во пазарењето.

Зошто е важна свесноста за сајбер-безбедноста во бизнис-секторот, и колку сме навистина свесни во однос на заштитата на личните податоци? Колку сме усогласени со меѓународните стандарди?   

– Висока свесност е крајна дестинација кога е безбедноста во прашање. Ниту најстрогите репресивни мерки нема да можат сосема да ја поправат ситуацијата што е резултат на ниско ниво на свесност и непочитување на сопствената и туѓата безбедност. За бизнис-секторот, одговорот е повеќеслоен. Сосема кусо, ако тргнете од тоа дека на пример во банкарството, осигурувањето, телекомуникациите и слично, циркулираат огромен волумен чувствителни лични податоци, а притоа се работи за сектори што остваруваат енормни профити. Додадете на тоа дека веќе информацијата добива карактер на средство со висока вредност. Па јасно ни е, тоа го дава одговорот.

Што претставува „ЖенитеЗаСајбер“ и кои се целите на оваа организација?

– Women4Cyber North Macedonia (или ЖенитеЗаСајбер) е национално поглавје, дел од Иницијативата на ЕУ Women4Cyber, формирана директно од Европската организација за сајбер-безбедност. Привилегирани сме што како резултат на мојата претходна вклученост, добив покана да го формирам овој огранок во нашата држава, и покрај тоа што формално не сме членка на ЕУ. И куриозитет е што нашето Поглавје, после Шпанија, е второто кое започна со активност. Водени од мисијата да помогнеме во надминување на родовиот јаз во сајбер-безбедноста, наша главна цел е да го поттикнеме, поддржиме и унапредиме учеството на девојките и жените во сајбер-безбедноста, преку стекнување вештини, преквалификација и доквалификација, на образовно и професионално ниво. За мошне кусо време успеавме да ги поставиме основите за идентификување на оваа заедница во Македонија, што е основа за поврзување и видливост на жените во сајбер-сферата. Преку разни активности и споделување на најдобрите светски практики работиме на свесност и едукација. Преку споделување на сториите на т.н „рол моделс“ („role models“) на успешни жени во сајбер-безбедноста овде кај нас, да го поттикнеме вклучувањето на жените во сајбер-образованието и сајбер-професиите. И се разбира, преку обуки и разни програми да им помогнеме да станат конкурентни во оваа сè уште доминантна машка сфера. Стремежот на нашата организација е родово неутрален сајбер-свет. Затоа, ги охрабрувам и поттикнувам девојките и жените што сакаат да станат дел од нас, нека ни пристапат на социјалните мрежи.

Во европски рамки, според податоците, во 2018 година жените учествувале само со 24% во вкупните позиции во сајбер-безбедноста. Зошто е тоа така и како според вас може да се поттикне кај нас присуството на жените во овој важен сектор?  

– Бројките се поразителни, ако се има предвид степенот на образование и вкупното учество на жените во работната сила. И уште пообесхрабрувачки се податоците за мал број жени на раководни и високо платени позиции во сајбер-професиите. Има многу причини, од личен, социолошки аспект, родови стереотипи, и други. Причините се делумно продукт на општеството, дел на индустрискиот сектор, дел на самите жени. Треба да се создадат системски претпоставки како поттик за вклучување на жените во сајбер-професиите. Да се работи на создадање нов имиџ во јавноста, а особено меѓу девојките за тоа што значи да се занимаваш со сајбер-безбедност, не е тоа оној компјутерски „чудак“, кој го споменав на почетокот (се смее, н.з). Го заокружувам кругот со констатацијата дека љубопитството треба да се поттикнува преку образованието.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот