
ФОТО | Лорен Санчез проговори за дислексијата: „Мојот мозок не откажа, откажа прирачникот“
По повод Светскиот ден на дислексијата, поранешната новинарка Лорен Санчез Безос објави емотивна порака, присетувајќи се на своите училишни денови и долгогодишните тешкотии во учењето, кои не биле навреме препознаени. На социјалните мрежи сподели своја фотографија од детството и видео во кое искрено зборува за растењето со дислексија,пишува „Хола“.
Препорачано
На видеото кое го објави, младата Лорен Санчез седи во последната клупа во училница, со насмевка на лицето и книга пред себе.
„Тоа сум јас во последната клупа, со насмевка, молејќи се да не ме повикаат да читам“, напиша таа. Денес 55-годишната Лорен, во описот на видеото додаде и порака што ги допре многумина:
„Мојот мозок не откажа, откажа прирачникот.“
View this post on Instagram
Апел до родителите: Погледнете како вашите деца се трудат
Лорен им порача на родителите да обрнат внимание колку нивните деца се трудат за да го одржат чекорот со врсниците:
„Ако вашето дете работи двојно повеќе само за да изгледа дека може, време е да размислите за тестирање.“
Санчез откри дека дислексијата силно го обликувала нејзиниот карактер и начинот на размислување:
„Дислексијата ми го изостри погледот кон пошироката слика и ме научи на упорност, а вистинската поддршка го смени сè.“
Детска книга инспирирана од личното искуство
Во интервју за „Good Morning America“ во 2024 година, таа призна дека дијагнозата ѝ била поставена дури подоцна во животот, а токму тоа искуство ја инспирирало да напише детска книга насловена „The Fly Who Flew to Space“, посветена на децата кои се чувствуваат како „помалку способни“.
„Книгата ѝ е посветена на мојата осумгодишна верзија, онаа што се чувствуваше глупаво“, рече таа емотивно. „Седев во последната клупа, тивка, и постојано бев туркана низ системот.“
Од одбиена новинарка до успешна пилотка и претприемачка
Сонот да стане новинарка ѝ бил со години недостижен. Сè се сменило кога една професорка на факултет го препознала нејзиниот талент и ја охрабрила да пишува за студентскиот весник.
„И реков дека не знам да пишувам, а таа ми одговори: ’Само пиши, не се грижи за правописот.‘ Тоа ми го смени животот.“
Токму таа професорка прва се посомневала дека Лорен има дислексија и ја поттикнала да се тестира.
Потоа Санчез се запишала на Универзитетот на Јужна Калифорнија и истовремено работела како асистентка на телевизиската станица KCOP-TV. Нејзината новинарска кариера брзо се развила – работела за „Екстра“, „Фокс Спорт Нет“ и шест години ја водела емисијата „Добар Ден Ел-еј“. Подоцна ја основала својата воздушна продукциска компанија „Black Ops Aviation“ и станала една од ретките жени пилоти во индустријата.
„Жените често не гледаат пример за подражавање во авијацијата. Се надевам дека некоја девојка ќе ме види и ќе помисли: ’И јас можам тоа!‘“, изјави минатата година за „Пипл“.
Истата година ја доби престижната награда „Elling Halvorson Vertical Flight Hall of Fame“ на доделувањето на наградите „Living Legends of Aviation“.
Денес Лорен Санчез Безос е успешна претприемачка, авторка и пилотка, но нејзината приказна за борбата со дислексијата покажува дека препреките можат да се претворат во успех.